Директорот на подружницата на Национални шуми „Црн Бор“ – Прилеп, П.Ј., е приведен по случај со транспорт на дрвна маса со испратници со невистинита содржина, информираат од Министерството за внатрешни работи.
На 8 октомври 2026 година, при контрола на две товарни моторни возила кои вршеле превоз на дрвна маса за потребите на ПШС „Црн Бор“ – Прилеп, било констатирано дека возилата превезувале вкупно 25,9 кубни метри дрвна маса со испратници со невистинита содржина.
Според информациите од МВР, испратниците биле изготвени од вработени во подружницата, по налог на директорот.
При контролата било утврдено и дека службениот чекан за означување на дрвата, кој го користи јавното претпријатие, директорот неовластено му го доверил на лице ангажирано како секач во претпријатието. Станува збор за лице кое е во фамилијарна поврзаност со сопственикот на фирмата ангажирана за сеча и транспорт на дрвната маса за потребите на јавното претпријатие.
Возилата и дрвната маса се привремено одземени по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Прилеп.
Од МВР информираат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следуваат соодветни кривични пријави против правното лице што го вршело транспортот, вработените во „Црн Бор“ – Прилеп, како и против директорот на подружницата.

























