Премиерот утре во Кавадарци на отворање на реконструираниот градски базен

Кавадарци утре (23 јули) ќе добие еден од најсовремените спортско-рекреативни комплекси во државата со официјалното отворање на целосно реконструираниот Градски базен. Информацијата на социјалните мрежи ја сподели градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Програмата започнува во 11:00 часот со официјален почеток на Школата за пливање и упис на деца на возраст од 8 до 11 години. Со најмладите ќе работат стручни професори по физичко и здравствено образование, кои ќе ги воведат во основите на пливањето преку безбеден и професионален пристап.

Во 12:00 часот е предвидено официјалното отворање на Градскиот базен, на кое, според најавата, ќе присуствува и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Како што информира градоначалникот Јанчев, станува збор за целосно обновен спортско-рекреативен комплекс со нови содржини, наменет за рекреација, спорт и забава за сите генерации. Во реконструкцијата се инвестирани околу еден милион евра, а со оваа инвестиција Кавадарци добива еден од најмодерните и најубавите градски базени во Македонија.

Од Општина Кавадарци ги повикуваат граѓаните да присуствуваат на отворањето и заедно да го одбележат почетокот на новата летна сезона на базенот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.