ПРЕД ДА ОТИДЕ ВО УНГАРИЈА, ГРУЕВСКИ НАПИШАЛ ПИСМО: Еве што им напишал Груевски на Хан, Могерини, Мијатовиќ и Дол пред да замине за Унгарија!

Пред да побара политички азил и да замине од Македонија екс премиерот им пишал писмо на челниците од Европската Унија. Во писмото, од кое копија беше испратена и до Алфа, Никола Груевски бара меѓународни судии да извршат проверка на масовниот политички прогон во државата.

Поранешниот премиер писмото го испратил до еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини, комесарот за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ и претседателот на европската народна партија Жозеф Дол.

Груевски во писмото наведува дека затворската казна му е изречена за целосно бесмислен и фабрикуван предмет – Тенк, бара ЕУ или друга европска институција, да ангажираат неколку врвни докажани судии од некоја од напредните земји членки на ЕУ кои ќе ги проучат предметите, доказите и на обвинителството и на одбраната, а би извршиле разговор и со обвинетите.

„Да присуствуваат на неколку рочишта и на крајот да одговорат – Дали во нивните држави тие предмети, со такви докази, тие обвиненија, би поминале или би биле отфрлени од судот и зошто. Тоа мислење се разбира нема да ја смени одлуката на локалниот суд, но ќе одговори на прашањето поврзано со политичкиот прогон во Македонија“ – пишува Груевски

Во писмото Груевски има и друг предлог, доколку првиот за Хан, Могерини, Мијатовиќ и Дол е неприфатлив, тој бара Унијата да испрати мисија во Македонија.

„Која ќе ги утврди фактите, повторно составена од професионални и политички независни судии од кривичната област…Секоја изјава во правец дека не смее никој да се прогласи за виновен доколку не постојат цврсти законски прибавени докази би била од корист за судиите и јавноста во Република Македонија. Секој повик во правец на напуштање на практикување на правото во функција на водење политика би била значајна “- пишува Груевски.

Во продолжение во 10 точки тој објаснува дека за време на судските процеси се соочувале со огромен број прекршувања на законите. Аудио материјалите кои СЈО ги користело како доказ се незаконски прибавени, пишува тој. Судот одбил нивно вештачење по барање на одбраната, а од друга страна дозволил за СЈО да вештачат лица без лиценци.

Груевски наведува дека Судот делумно изразува лојалност кон актуелната власт, а дел од судиите живеат во голем страв да не бидат казнети ако постапат спротивно на очекувањата на СЈО, посочува Груевски.

На писмото стои датум 16 октомври. Апелациониот суд на 5 ти месецот, ја објави одлуката дека е одбиена жалбата на Груевски за затворската казна од 2 години за случајот со владиниот мерцедес.

Катерина Гетева
АлфаТВ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.