ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно на протест против црнилата кои СДСМ ги наметнува

ВМРО-ДПМНЕ денеска со почеток во 17 часот повторно ќе излезе на улица на протест против, како што велат, црнилата кои СДСМ ги наметнува.

-Протестираме затоа што: Сме против економските црнила, против сиромаштијата, зголемените даноци и беспарицата кои му тежат на секој еден граѓанин, против економијата која стагнира и која губи здив. Сме против политичките црнила, против неправдата и несигурноста, против црното политичко мочуриште каде прогонот станува закон, а законот мета за поткусурување. Сме против општествените црнила, против загрозеното здравје на граѓаните и нефункционалниот здравствен систем и тивкиот убиец загадувањето кое наместо да се намалува, се мултиплицира. #МакедонијоНапред, #МакедонијаЌеПобеди, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Протестот ќе започне во 17 часот од Плоштад ВМРО, а ќе се маршира до пред владата на Република Македонија.

Инаку, протестен марш имаше и минатата среда, на 28 ноември, а на неколкуте илјади граѓани, кои се одзваа на повикот на ВМРО-ДПМНЕ им се заблагодари лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

-Ви благодарам што се одзвавте на повикот на ВМРО-ДПМНЕ, вам, на најхрабрите, сите вие кои ги трпите притисоците на оваа криминална влада. Знам дека сте со нас и дека го поддржувате секој наш чекор, секоја наша политика за да го спасиме она што остана од оваа земја. Одиме секој викенд низ градовите и секоја среда пред Владата. Нашиот ревот е демократски, со мирни протести ќе им покажеме како се сака татковината. Излеговме и за националното понижување, но и за економските планови, зашто Македонија е се посиромашна. Ќе се обединиме сите заедно за да ја урнеме оваа империјална власт, рече тогаш Мицкоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.