Од утре до сабота, по 17-ти пат Фестивал на медот во центарот на Прилеп

Од утре, четврток, 8 октомври, па до сабота, 10 октомври, градскиот плоштад во Прилеп повторно ќе биде во знакот на медот, пчелите и домашните пчелни производи.

По 17-ти пат во Прилеп се одржува традиционалниот Фестивал на мед, на кој пчеларите од Прилеп и прилепскиот регион пред граѓаните ќе ги претстават своите производи и ќе понудат богат избор на мед и други пчелни производи.

Во прилепскиот регион има околу 150 пчелари, од кои околу 70 се членови на здружението, а токму ваквите настани се можност за нивната работа да биде поблиску до граѓаните и љубителите на природните и домашни производи.

Посетителите ќе имаат можност да пробаат и да купат различни видови мед, но и повеќе пчелни производи, со цел да се поттикнат навиките за нивно почесто консумирање и да се истакне нивната вредност како природна храна.

Фестивалот на мед веќе е дел од прилепската есенска традиција, а плоштадот во наредните три дена ќе биде место каде што ќе се сретнат домашниот производ, трудот на пчеларите и љубовта кон природата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.