Носеле прекар “борини” оти гореле за Победа: Хирургот го шиел, а тој барал радио пренос од натпреварот

Благоја Василески и Димитар Чучуроски, страсни навивачи

-Добиле прекар ,,борини,, оти гореле за саканиот клуб

Градов ги познава како Димитар Чучуроски, саатчија и вработен во Микрон, и Благоја Василески, благајник во Стоковната куќа 1. Двајцата имаат нешто заедничко: тие се ,,борини,, , прекар дамнешен и малку подзаборавен, кој се однесува на најстрасните навивачи на Победа.

Пред четири – пет децении, во шеесеттите, седумдесеттите и во осумдесеттите години од минатиот век, така ги нарекувале најверните приврзаници на клубот. Имало илјадници загреани навивачи, дури и прегреани. Тие се ,,борини,,, прекар добиен од клупскиот домаќин-економ, Аспарух Јовчески.

-Секојдневно му здодевавме на Аспарух, кој поправаше копачки, крпеше и лепеше топки. Закажан е тренингот, играчите и тренерите треба да влезат, а баш тука и ние се втеруваме низ соблекувални, оти вратите не ги отвораа за нас. Тој крпи, ние викај таму, влегувај… Еднаш му се пуштивме: Зошто не не оставаш да влегуваме? Оти не можам да ве трпам. Кај се најдовте – борини. Што му значеше точно не се сеќавам. Најверојатно дека бевме запалени за Победа, како борини што горат и пуштаат црнило. Од тоа црнило не можеше да не поднеси – вели Василески.

,,Борини,, биле и други: Ангеле, Хари ценачот, Иле од Партизан, Ило Црнио, Борка Мигачо, Иле од Билјана, Кире касапот, Цане Џандаро, Цане Илиоски, Талимо, Коле и Блаже продавачите, Цане Баше, Геле продавачот во слаткарницата ИНЗАП… Геле водел список. Евидентирал кој е појден, кој не е појден на тренинг.

Преку денот разменувале мислења на повеќе прометни места низ градот: во продавницата за сирење кај Блаже и Коле, кај Бале в Стоковна, кај Геле в слаткарница, пред фурната кај Чавкаровци, на Рид, кај Егејските згради.

Особено по тренинг се среќавале, покрај работните обврски. А никако да доискажат сé: тие што го гледале тренингот кажуваат што се работело. Ако играле меѓусебе, составите на екипите, дали го бендисуваат првиот состав.

Некој ќе каже дека му се мешаат на тренерот, дека некој не сака да игра намерно, не им даваат топки на купениве играчи итн. Тие луѓе се обични, а сепак по нешто посебни. Живееле за Победа, тогаш претежно во квалитетен ранг – Втората југословенска лига.

-Немаше ден да не се спомне Победа. Со Победа живеевме. Саатот го поправам, а мислам на Победа. Колкупати дуќанот ќе го затворев за да одам на стадион. Се расправав со татко ми и мајка ми: ,,Како дуќанот го затвораш за да одиш на тренинг?,,. Немаше шанси да не појдам на натпревар. Затворам и заминувам.

Во среда и сабота, пазарни денови, без оглед дали почнува натпреварот во еден или во два часот, ич не се мислев. Клучот на врата, и на фудбал. Или на тренинг, нема разлика. Ако иди баш тогаш муштерија, не се менува од планот. Го губам муштеријата. И ноќе не спиевме за Победа – со возбуда раскажува Чучуроски.

Незаборавни се спомените, особено за најголемите мечеви. Најгледан натпревар во историјата е: Победа – Пелистер од 15 март 1981 година. Според тогашните весници, го следеа неверојатни 25 илјади гледачи. Прилеп е на нозе. Долги каравани дојдоа од Битола и други места. Народ, автомобили, автобуси…

Со душа се чека тој ден, одлучувачки за првото место во Републичката лига. Кој победува – влегува во Втората лига. ,,Борините,, цела недела се на тренинзи.

Се анализира, се претпоставува кој состав ќе биде, кој на која позиција е подобро да игра. Големо дерби се чека. Кај Благоја Василески доаѓаат од Битола родинини, 15 гости, специјално за фудбалот.

Тоа навестува дека стадионот ќе се преполни. Но, не било пишано Благоја да го гледа тоа дерби, на кое со 3-1 славеше саканиот клуб.

– Два саати пред натпреварот, појдов на стадион да фатам најубаво место, пет-шест скали под најгорната. Влегуваат навивачи, сето се полни, од сите страни реки народ. Викаат едните од едната страна, другите од другава. Почнаа со камења да фрлаат. Уште непочнат натпреварот, потстанав да видам што се случува за да бегаме, кога еден камен мавање во веѓава. Над окото ме погоди. Крв почна да течи, паднав.

Тие што беа најбилиску, како Хари Ценачот, мМе кренаа и ме однесоа в болница да ме шијат. Докторот го замолив едно транзисторче да ми донеси на масата. Додека тој ме шие, ја запира крвта, јас да слушам радио-пренос за Победа – Пелистер. Тие се чудат што барам, оти ситуацијава со мене ги загрижува. А јас сакам да слушам каква е ситуацијата на теренот. Не си ја гледам маката, туку дербито. Прозорците беа отворени. Се слушаа грмотевици од навивање. Градот се тресеше за головите. Преврзан околу главата, од болница си појдов дома – кажува што преживеал Василески.

Нема потешко за ,,борината,, ако биде спречен да не го гледа долгоочекуваниот натпревар. Тој ден откажува сé, и слава, и роденден, и свадба. Ако е работен ден, и работа. Сé е подредено на фудбалскиот настан. Се бројат часови, минути. И наеднаш излегува некоја непредвидлива пречка.

На 12 април 1978 година се игра најголемото македонско дерби, Победа – Вардар (0-2), во Втората југословенска лига. На трибините совреме сместени околу 20 илјади гледачи. Го нема уште Димитар Чучуроски. Неговата Победа се бори за триумф, два бода и опстанок. Него го нема да помага со навивање. Нешто се случило. Бидејќи било среда.Утрото бил на работа во Микрон, со план – откако ќе сработи да замине на стадион, каде дуелот е закажан за 16 часот.

-Народ од сите страни. Ноќе не спиев за тој натпревар да дојди што побргу. На работа со другарот Гоце правиме муабет: ,,Гоце, јас до еден сатот сум на работа, после заминувам на стадион,,. ,,Нема проблем, оди,, – рече. Со душа го чекам еден саатот. Дојде, и, реков да си го земам велосипедот, да си појдам дома за да стигнам за натпреварот. Одам, а велосипедот го нема.

Се враќам: ,,Гоце, велосипедот не го виде?,, ,,Не,, – сериозно ми одговара. Времево дојде, дербито ќе почне, се врткам, се штуткам, ваму да не е, онаму да не е, да не го зеде некој… Тој се шегува. Откога почна натпреварот, дури тогаш ми вели: ,,Погледни горе,,! Гледам горе, искачен на едно место. Како го сторил тоа не ми е јасно. Се смее, а јас се нервирам. Кога појдов, веќе 15 минути се одиграни. Ми се расипа ќефот – се присетува Чучуроски.

Навивањето е феномен, не само кај нас, ами и во светот. Навивачите не се сфатени од секого. Не ги разбира некој кој никогаш не бил на стадион. Дури имаат проблеми со најблиските. Особено со оние од понежниот пол. Фудбалот се смета за строго машки спорт. На стадион, меѓу илјадници гледачи, имаше некојпат една, некојпат ниедна жена.

Некогаш девојките и жените го мразеа фудбалот оти мажите не се прибираа дома. Во недела – првенствен натпревар, во среда – за куп, во понеделник, вторник, четврток, петок и сабота – тренинзи. Нема крај и нема спас од фудбалот. И да се испланира нешто во непополнетиот простор – планот не излегува.

– Се карав со сопругата Благица во недела. Таа ги спремаше ќерките, Марина и Соња да прошетаме в чаршија по натпреварот. А мене ме фаќаше девет, девет ипол саатот. Ни чаршија се виде, ни прошетка, ништо. Соседите биле на стадион и одамна се вратиле, а мене ме нема. Прашува сопругата, и велат: Ете го уште пред стадион.

Таа чека, се нервира, децава плачат, пиштат… Ај оваа недела, ај наредната, си врвеа годините. Не ги изнесов скоро никогаш во недела. Отккако пораснаа, сами си излегуваат. Многу доцна се прибиравме. Во девет – десет часот ќе вечераш, ако ти се јаде. Ако не победевме, од мака не се чувствуваше глад. Не ти се зборува со домашните – раскажува Василески.

,,Борините,, имале многу желби за омилениот клуб. Најголема била Победа да влезе во Прва југословенска лига. Неколкупати пропадна шансата за ,,влакно,,. Се бараше причната, а не се најде ниту сега. Едно прашање, а многу различни одговори.

Последната пропуштена можност беше пред распадот на Југославија, во 1987/88 г, кога Победа долго време беше при врвот од Втората лига. Екипата под водство на Кирил Анески – Тумано нареди рекордни седум победи со ред.

На крајот заврши на 10 место. Дека беше стасана за највисокиот ранг потврда се двете победи над големиот фаворит, ОФК Београд, совладан со 2-1 дома и со 2-3 на гости. ,,Борините,, се присутни насекаде, наслушуваат и влегуваат во клупските простории и дознаваат повеќе од обичните навивачи. Еве го настанот пред мечот со Раднички Крагуевац.

– Играме дома, а состанок имаше пет-шест дена пред дуелот. На состанок бевме и ние, навивачиве, најзапалените. Влеговме насила. Требаше да биде затворен, ама ние упорни влеговме внатре. Дошла телеграма од Фудбалски сојуз на Југославија: ,,Ако градов и клубот се подготвени за влез во Прва лига, имаат поддршка од ФСЈ,,.

Но, од управата пресекоа: што ни фали и во Републичка лига да си играме – ќе го наполниме стадинот на дерби со Тиквеш и други ривали. Ние револтирани – цел живот чекаме, а тие велат: пари треба, општината не дава. Во неделата загубивме 1-2. Се сеќавам на тој бекот Спасиќ, подоцна репрезентативец и учесник на Светското во Италија.

Ја зеде топката, го претрча цел терен и даде гол. Така, во Прва лига играа Тетекс Тетово, Пелистер Битола, а Победа – не. А Прилеп и Сплит беа исто. Така велеа сите. Два најфудбалски града во Југославија.

Гревота е што барем еднаш не влеговме во таа Прва лига. И да отпадневме, ама барем да одигравме една прволигашка сезона – смета Чучуроски.

Денес Димитар ја одржува Саат-кулата. Благоја е колпортер на весници. За ,,борините,, најмногу важи она – ,,еднаш навивач – засекогаш навивач,,. Покрај тоа што се пензионери, не треба да биде изненадување двајцата пак ќе го гледаат најсаканиот тим, Победа, кога ќе се дотера стадионот.

Од сабајле на стадион

Во ниеден дел од денот не е изненадување ако на стадион видиме некој ,,борина,,. Така, Благоја Василески имал навика да оди уште утрото во неделата, ако станува збор за големо дерби.

Не издржувал да го чека попладнето. Одел по изгрејсонце сам. Се враќал и пак одел попладне кога одат сите. Зошто толку рано?

-Не можев да не проверам каков е теренот. Ако врнело цела ноќ, на пример, дали е влажен и тежок за игра, дали е со многу вода, дали е израмнет, дали е добро обележан. Линиите некогаш беа искривени. Сугериравме да се врзе конец да бидат прави – ја објаснува големата љубов кон клубот.

Зарипнати од навивање

На трибината имало ред. Сите си ги знаеле местата. Не смеел никој да го земе местото на друг. Биле неколку групи. Егејците седеле горе одлево, од десната Ридарците, а Чавкаровци насредина. ,,Борините,, први одат, последни си заминуваат од стадион. За дерби-натпревар таму се пред два саати, уште гостите недојдени.

-Сите бевме зарипнати од навивање до средата. Ни се фаќаше гласот. Чудо од навивање. Ако се победеше, на радоста и немаше крај. Се боледува од пораз. Се занемуваше. Колку да ни олесни, се собиравме да анализираме каде била грешката – зборува во детали, Чучуроски.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.