Николоски: Почнуваме со реализација на третата секција од железничкиот Коридор 8, Македонија станува раскрсница на Балканот

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска присуствуваше на потпишување на Договорот за инвестициски грант преку WBIF на Европска Унија и Договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за реализација на третата фаза од железничката делница Крива Паланка – почеток на прекуграничен тунел со Бугарија како дел од железничкиот Коридор VIII.

На свеченото потпишување во Владата заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, истакна дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти за државата и за реализација на стратешката визија Македонија да стане клучна транспортна раскрсница на Балканот.

“Ова е исклучително значаен ден, затоа што по речиси две години работа доаѓаме до проект кој што е остварлив, кој што е реален и кој што може да биде реализиран. Не беше лесно во овие две години, беше доста предизвикувачки. Она што е особено значајно, е што успеавме да постигнеме договор со Бугарија, за изградбата на прекуграничниот железнички тунел, кој што треба да ги спои двете држави”, истакна Николоски.

Тој потсети дека договорот со Бугарија бил потпишан минатата година, а минатата недела во Софија се одржал првиот меѓуресорски и меѓувладин состанок, додека вториот се очекува до крајот на месецот во Скопје.

“Пораката таму е јасна, дека двете држави испраќаат заедничко писмо до Европската Унија, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, за обезбедување грант средства за изградба на прекуграничниот железнички тунел, кој што сум убеден ќе бидат поголеми од оние грант средства за кои досега се зборуваше. Тоа се средства со кои што знаеднички ќе може да се реализира овој проект”, додаде Николоски.

Во своето обраќање, министерот се заблагодари на европските финансиски институции за поддршката на проектот, посочувајќи дека Европската Унија преку рамката за Западен Балкан обезбедува грант од 149 милиони евра, додека Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој обезбедуваат по 175 милиони евра кредити.

На крајот од обраќањето, Николоски упати благодарност и до претседателот на Владата и министерката за финансии за поддршката и ангажманот во изминатите две години, оценувајќи дека со заеднички напори се создадени услови за реализација на, како што рече, најкомплексниот железнички проект што досега ќе го реализира државата.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.