Во првата неделна колумна после годишние одмори, новинарот Зоран Момироски се осврна на состојбите со спортската инфраструктура во градот под Марковите Кули, а со оглед на тоа дека се’ уште нема ништо од ветувањата за ставање во функција на двете спортски сали – сала “Македонија” и “Универзална сала”.
-Над 360 натпреварувачи од 9 држави учествуваа на меѓународниот џудо турнир ,,Прилеп град Херој – 2026,,Цевитана куп. Џудисти од 40 клубови од кои 15 од Македонија, а другите од Србија, Бугарија, Грција, Косово, Албанија, Турција, Црна Гора и Словенија.
Покрај џудисти на овој турнир учествуваа безмалку уште толку тренери,судии,ветерани на овој спорт и џудо функционери од националните џудо федерации. А организатор по повод празникот 11 Октомври е прилепскиот џудо клуб ,,Сеишин,,од градов. Вистински празничен спортски спектакл во несоодветни услови за ваква манифестација. Прво училишната спортска сала на средното ЕМУЦ Ристе Ристески – Ричко одличен објект, ама за одржување на часови по физичко воспитување, а не на вакви настани.
Второ сите беа напикани како во ,,конзерва,, без соодветен паркинг простор и никаков пристапен пат. Автобуси, автомобили и комбиња со кои стигнаа гостите се паркираа кој каде ќе најде слободно место. И тоа на паркингот пред училиштето и зградите од населбата Точила. Се воодушевував од овој спортски натпревар и се страмев каде тој се одржува. Притоа си поставував и прашање: Дали градот без соодветни услови заслужува ваква манифестација, особено што има две големи прекрасни спортски сали – Македонија и Универзалната од Тутунски комбинат. И притоа се потсетив како двата објекти беа исполнети со по 2000 до 3000 гледачи и посетители. Па си велам зошто овие организаториве не го поканиле, а ако треба и на ,,сила,, не го донеле овој наш ,,способен ,, министер за спорт Борко Ристовски дотеран и пицосан да се испраши од прашливиот пристапен пат и како брашнар да стигне до оваа сала.
Тој ако има образ и срам да го отвори овој голем турнир, и конечно не да ветува и лажи туку двете спортски сали да му ги врати на Прилеп. Оти било ветено спортската сала ,,Македонија,, со пари од владата да се реновира, да се возобнови и да и се врати на локалната самуправа. Ама од ветено до исполнето разликата е од Солуна до три сомуна. На крај да прашам дали има мажишта во овој Прилеп да му тропнат на маса и да му дадат рок до кога салите да бидат вратени и ставени на располагање на спортски клубови кои залужуваат и почит и респект.
Целата колумна на Момироски прочитајте ја ТУКА
























