Крушево ги пречека маратонците од Хрватска кои со трчање и оваа година му оддадоа почит на Тоше Проески

Со голема почит и рози, Крушево ги пречека 14-те маратонци кои тргнаа од Нова Градишка, Хрватска, за да му оддадат почит на македонскиот музички ангел Тоше Проески, на денот кога се навршуваат 19 години од неговата трагична смрт.

Маратонците на 13 октомври го започнале својот пат од местото во кое Тоше го загуби животот во сообраќајната несреќа, а денес пристигнаа во неговиот роден град, Крушево, за да се поклонат на неговото вечно почивалиште на Гумење.

Со положување цвеќе на неговиот гроб, тие уште еднаш ја потврдија својата посветеност на споменот за Тоше, чиј лик, дело и хуманост и по толку години продолжуваат да ги обединуваат луѓето, без разлика на националноста и границите.

Нивниот маратон е многу повеќе од спортски подвиг – тоа е чин на љубов, почит и благодарност кон човекот кој остави неизбришлива трага во срцата на милиони луѓе.

Благодарност до маратонците кои со секој изминат километар ја пренесуваат пораката дека вистинските вредности и споменот за Тоше не познаваат граници, а неговата музика, хуманост и човечност продолжуваат да живеат.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.