Фудбалерите на Зеленортските Острови ја приредија една од најголемите сензации на Светското првенство 2026, откако како второпласирани во групата Х обезбедија место во нокаут-фазата. За оваа африканска селекција тоа е прв ваков успех во историјата.
Зеленортските Острови во Хјустон ремизираа без голови против Саудиска Арабија (0:0), а по поразот на Уругвај од Шпанија стигнаа до историскиот пласман.
Шпанија го освои првото место во групата со седум бодови, додека Зеленортските Острови завршија втори со три бода.
Во шеснаесетфиналето Шпанија ќе игра против второпласираната селекција од групата Ј – Австрија или Алжир, додека Зеленортските Острови ги очекува најтешкиот можен предизвик – актуелниот светски шампион Аргентина.
Самиот натпревар не понуди многу возбудувања, но африканската репрезентација покажа поголема желба за победа и создаде повеќе опасни ситуации пред противничкиот гол.
Семенјо се закани во првото полувреме, а најголемата шанса ја имаше Дуарте во вториот дел, кога излезе сам пред голманот на Саудиска Арабија, но не успеа да го совлада во ситуација еден на еден.
По последниот судиски свиреж, фудбалерите на Зеленортските Острови, предводени од искусниот голман Возиња, веднаш почнаа да ги следат случувањата од натпреварот во Гвадалахара. Кога стана јасно дека Уругвај е поразен од Шпанија, започна големото славје на дебитантот на Светските првенства.
























