Интервју со Професорот Милан Јаковоски кој одлично ги споил географијата и параглајдингот, за формите на релјефот да ги гледа од една поинаква перспектива

Параглајдерство е пред се рекреативен спорт, одлична авантура за вљубениците во адреналинот и оние кои сакаат да уживаат во природата од една малку поинаква перспектива. Почетоците на овој спорт во Македонија датираат од 1991 година во Прилепскиот регион кој се смета за еден од најдобрите места за летање во цела држава.

Милан Јаковоски е млад професор по Географија кој љубовта кон природниот релјеф ја надополнил со параглајдингот. За учениците важи за принципиелен и комплетен професор, за нас вистинска инспирација, особено поради тоа што се занимава со еден од најекстремните спортови.

Член е на клубот “Sky Riders” од Прилеп, клуб со традиција од 25 години и клуб каде најдобро можат да се “вкусат” тајните на екстремните спортови.

image001

 Предавате една доста интересна наука, кажете ни нешто повеќе за неа?

Географијата е доста интересна и занимлива наука. Таа е природна, но и општествена наука која што му овозможува на луѓето широки погледи и сознанија за Планета Земја, атмосферата, хидрологијата, населението, растителниот и животинскиот свет и вселената. Луѓето уште многу одамна ја истражувале природата, се интересирале за светот околу себе, па така почнал и развојот на оваа наука.

Како би ја опишале вашата професија која моментално ја работите како професор по Географија во основно училиште?

Да се работи со деца, а посебно да се надоградува нивното знаење е прекрасна работа. Децата се најголемото богатство на едно општество,  тие се чисти, безгрешни, искрени не знаат за злоба, презир, себичност, подлост. Но, и одговорноста како наставник е доста голема и сериозна професија да се вложиш максимално да го задржиш вниманието на секој ученик, да го пренесеш своето знаење, да употребиш голема грижа за учениците не е едноставна и лесна работа.

Едноставно кажано одговорна, макотрпна, но и благородна професија.

image002

За каков професор важите, добар или лош?

Хахаха ова прашање често ми го поставуваат пријателите. Поделбата на лоши и добри наставници постоеше уште јас кога бев ученик, постои и денес меѓу учениците, иако јас мислам дека нема лоши наставници, има повеќе или помалку принципиелни, а каков сум јас најдобро е да ги прашате моите учениците.

image003

Што најдовте заедничко помеѓу географијата и параглајдингот?

Самиот поим Географија значи земјопис. Овај спорт овозможува уживање и набљудување на природата од една малку поинаква перспектива. Од височините на летовите со параглајдерот најдобро се гледаат формите на релјефот на земјата, како и хидрографските објекти и населените места, всушност ја гледаш земјата како на географска карта изработена во многу крупен  размер. Но, и да се изведе еден лет со параглајдер потребно  да се познават добро атмосферските појави и процеси и  теренот на кој се лета.

Така јас ги поврзувам  географијата и параглајдингот.

image004

image005

image006

image007

Како се роди желбата да се занимавате со овој спорт?

Од секогаш сум ги сакал екстремните спортови, тие нудат многу авантура и адреналин, па така желбата за овој спорт се појави уште од средношколските денови кога се пријавив за обука за скок со падобран, но за жал таа обука не се одржа. Подоцна започнаа моите студенски денови. По враќањето во Прилеп во О.О.У. Кире Гаврилоски Јане – Прилеп, во кое денес работам, се запознав  со мојот колега, но и мој учител во параглајдингот Златко Спиркоски. Од тие денови започна да се остварува мојата желба за овој спорт.

image008

image009

Колку овај спорт е опасен?

Како и сите други спортови така и во параглајдерството постои опасност, но доколку ги почитуваш временските условите и правилата на спортот, со соодветна опрема и голема претлазливост параглајдерството е доста безбеден спорт.

image010

Што се превзема ако ви се случи некоја незгода при летањето?

За било што треба да се има план Б, па така и ние пилотите носиме помошен падобран кој се активира при некоја посериозна непријатност со параглајдерот.

Дали до сега го имате активирано помошниот падобран?

За среќа не.

image011

Од кои делови се состои опремата за летање?

Основната опрема се состои од: крило, седиште, резервен падобран, кацига, нараквици, но има уште многу други заштитни елементи и инструменти кои се користат како помагала при летањето како: вариометар, GPS, станица за комуникација и др.

Кое е најпогодното годишно време за овај спорт?

За летањето годишните времиња не се пречка, може да се лета во било кој период од годината, ако температурите не се екстремно ниски, нема врнежи и силно струење на воздухот.

image012

На колкава височина може да се издигнете за време на летот?

Има два видови на летови спуст и летање во термика. Летањето во термика е за време на летниот период и тогаш често се случува да се издигнеме и до 4000 метри во виочина.

Колку време може да трае еден лет?

Кај нас во Македонија од 10 минути ако летот е спуст, до неколку часа ако е летање во термика.

Имате некој посебен лет кој можете да го издвоите?

Секој нов лет е посебно доживување и посебно искуство така да највозбудлив посериозен ми беше мојот прв лет од Мечкин Камен, кој беше после мојата неколкумесечна обука. За прв пат летанав од толкава надморска, но и релативна височина, кога одеднаш по полетувањето почна да врне снег. Летот траеше околу 15 минути и успешно го завршив.

image013

Дали сте член на некој Клуб?

Да член сум на “Sky riders Prilep”, клуб кој се занимава со екстремни спортови како што се: параглајдерството, мото-кросот, велосипедизам, скијање. “Sky riders” е клуб кој постои речиси 25 години и денес брои околу 30 членови кои се занимаваат со овие спортови. Организатор е на голем број светски, европски, меѓународни и домашни натпревари.

image014

image015

Кaкви натпревари постојат во параглајдингот?

Во параглајдерството постојат три вида на дисциплини за натпреварување. Првото е Крос кантри или натпревар во освојување на дистанца. Ваквиот лет може да биде долг 100 и повеке километри. Втората дисциплина е Прецизно слетување. Во оваа дисциплина најчесто се организираат натпревари во Македонија. Третата  дисциплина е Акробатско летање во која се изведуваат различни фигури со параглајдерот.

Дали имате учествувано на некој натпревар од повисок ранг?

Еден пилот на параглајдер, да излезе на еден посериозен натпревар, како европско или светско првенство, потребно е повеќегодишно искуство, голема посветеност на спортот и многу часови поминати во воздух. Јас со параглајдерството се занимавам  повеќе рекреативно и имам учествувано на неколку помали натпревари.  Но, во иднина можеби ќе се појавам и на некое европско или светско првенство.

image016

За крај кој ви се плановите на професионален план и како професор и како параглајдерист кој сакате да ги реализирате во оваа нова 2017 година?

Во оваа 2017 година имам неколку планови, во моментов работам на основање и формирање на Регионално географско здружение, кое треба да започне со функционирање за неколку дена. Во првата половина од оваа година имам во план да ги завршам постдипломските студии, а во меѓувреме преку годината да реализирам  многу интересни часови со моите ученици. Што се однесува до параглајдерството што повеќе летови со подолга дистанца и учество на што повеќе натпревари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.