Интервју со Златко Грабулоски – професионален готвач од Прилеп: “Најголема награда за еден готвач е празна чинија и задоволен гостин”

Златко Грабулоски е долгогодишен професионален готвач шеф од Прилеп. Работел на повеќе места, а низ годините собирал искуства од повеќе врвни мајстори. Има освоено голем број признанија, а со својата професионалност, креативност и врвно мајсторство досега изнудил безброј насмевки на лицата на своите гости. Со Златко разговаравме за тоа како се снајдуваат готвачите и вработените во угостителскиот сектор во овие тешки денови за целиот свет, кога ниту еден угостителски објект не прима гости.

Како се справува еден професионален шеф во овие тешки времиња за сите нас, како вие шефовите се справувате без работа?

-Па, добро мора да признаам дека на некој не му е сеедно, па и на мене во врска со вирусот Ковид-19, но сепак оптимистички гледам на работите и мислам дека за брзо ќе се среди и ќе почнеме да функционираме сите како и претходно. Работата во кујната во ресторанот како што работам е редуцирана и поделена во тимови кои работат со скратени работни часови, приготвувајќи вкусна храна за сите оние кои ја нарачуваат и знаат да уживаат и во домашни услоби. Сега имам доволно време да се посветам на семејството, но и да прочитам некоја книга за релаксација и едукација.

Колку ти недостасува работата и работните обврски?

-Ми недостасуваат работните обврски, секојдневната позитивна енергија која ја има во кујната, зачинета со многубројните предизвици, пред се’, мојата љубов за готвење и надоградување, но како што спомнав, се’ во животот си има предности и недостатоци, па така овој период го користам за да зготвам нешто вкусно за мојата фамилија.

Кажи ни нешто повеќе за тебе, каде си работел и нешто повеќе за твоето образование?

-Првото работно искуство ми беше веднаш после завршувањето на угостителското училиште во Крушево, во интернационалниот ресторан на хотелот “Бистра” во Маврово. Во првите 5 години од моите шефови научив за подготовка, креативност, спремање и послужување на храна од морски плодови, пасти, месо, салати… Од планина заминав на море, работев како шеф во морски ресторан, каде ја водев кујната по мој терк. Бев слободен да ја изразам мојата креативност во подготовката и дизајност на свежите морски плодови, кои таму ги имаше во изобилство. Прес се’ уживав во мојата работа, да работам сезонски, летно време на море, зимно на планина. По враќањето во мојот роден град Прилеп се вработив во ресторанот “Чардак”, каде имав можност да учам од најдобриот готвач на прилепски специјалитети, Жарко Најдоски, а со тоа да го надоградам моето знаење со начинот на подготовка на македонска традиционална кујна. По моето доаѓање во Скопје, прв професионален предизвик ми беше работењето во италијанскиот ресторан “Воденица – Мулино”, каде италијанската и медитеранска кујна се на прво место. Тука имав можност во целост да се изразам и да го покажам моето долгогодишно искуство и креативност во приготвување на морски специјалитети и италијански домашни пасти, а воедно и задоволството да подготвувам храна за македонски и странски делегации.

Дали имаш учествувано на натпревари и дали имаш освоено награди?

-Да … немам освоено награди, но имам освоено многу признанија. За мене учествувањето на натпревари е пред се’ за дружба, a најголема награда за еден готвач е празна чинија и задоволен гостин.

Какви планови имаше за оваа година?

-Оваа година останувам и понатаму со позитивна енергија, со нови предизвици кон работата и со едукација на сите кои не се плашат да влезат во оваа бранша.

Дали сметаш дека веднаш кога оваа пандемија предизвикана од коронавирусот ќе заврши, рестораните ќе бидат полни со гости?

-Да, мислам дека кога ќе заврши оваа пандемија, луѓето ќе се вратат на секојдневните обврски и секако дружбата со пријателите во рестораните ќе биде неизбежна, а ние како готвачи ќе продолжиме онаму каде што застанавме и ќе се трудиме да изнудиме насмевки на лицата на сите кои ќе ја вкусат нашата храна.

Што се случува со финансиските примања кај луѓето од угостителскиот сектор, дали имаш сознанија дека луѓе остануваат без работа?

-За жал тоа е што е… јас ги гледам работите од аспект што никој не сака вака да биде, и ние како вработени и сопствениците. Се надевам дека ќе се најде решение за сите да бидат задоволни и да продолжиме онаму каде што застанавме.

Вие готвачите сте на некој начин нутриционисти, кој се твоите препораки како да се однесуваат и што да приготвуваат граѓаните дома?

-Во овој период сме сите дома, така што во приготвувањето на оброците учествуваме сите. Оброците треба да бидат полни со витамини, со цел да го зајакнеме нашиот имунитет. Храната треба да биде термички обработена, здрава и полна со минерали и аминокиселини. Зеленчукот и овошјето треба да се измијат темелно и секако дневните прошетки треба да бидат дел од секојдневнито.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.