Замислете ова да се случеше кај нас: Во еден ден во Шведска отпуштени од работа 4500 службеници

Во само еден ден во Шведска 4.500 вработени од шведскиот завод за вработување останаа без работа.

Се работи за буџетски заштеди и сеопфатни реформи на пазарот на трудот. Со ова престануваат со работа десетици канцеларии низ земјата.

Најмногу откази ќе има во провинциските центри, а најмалку во големите градови.

Социјалдемократскиот премиер Стефан Лофвен за отказите ги обвини политичките противници од десницата.

Државниот буџет за 2019 година, усвоен во парламентот во средината на декември, предвиде околу 630 милиони круни помалку плата за вработените и 2,5 милијарди помалку за програмите за вработување.

Заводот за вработување во 240 канцеларии низ Шведска вработува околу 13.500 луѓе, што значи дека без работа ќе остане третина од сегашната работна сила.

Сите досегашни вработени ќе останат на своето работно место до април, односно до завршувањето на преговорите помеѓу синдикатот и директорот на заводот за вработување, за да се договорат околу условите за отпуштање.

Невработеноста во Шведска сега е околу 6 отсто.

Извор: “Лидер”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.