“Градоначалникот се виде со спортистите ветерани, а не им кажа зошто балонот сала и спортот во Прилеп пропаѓаат??”

Денеска во Прилеп беше формирано Здружение на спортски ветерани во кое членуваат поранешни спортисти, тренери и спортски работници.

На нивниот прв конститутивен состанок кој се одржа во ООУ „Кочо Рацин“ во градот, тие го поканија и градоначалникот Илија Јованоски.

Јованоски секако не ја пропушти шансата да се фотографира со и да даде ветувања за поддршка.

Но, што точно требаше, а пропушти да им даде како објаснување Јованоски на спортистите ветерани?!

Градоначалникот не кажа ни збор за бездната во која се наоѓа прилепскиот спорт. И двата најголеми клубови, ФК Победа и ракометниот клуб Прилеп, мака мачат да обезбедат опстанок во највисоките рангови на натпреварување.

Победа е на 8-та позиција на табелата и само бод ја дели од дното, а РК Прилеп е со едната нога во понизок ранг.

Јованоски не изусти ниту збор за пропаѓањето на спортската инфраструктура во градот.

Балон салата во ООУ “Гоце Делчев” со месеци стои легната и запустена во дворот на училиштето. Општината и покрај сите негодувања за ваквата слика од граѓаните, досега не најде начин како да го врати овој објект во правобитна состојба.

Овој спортски објект кој одлично се вклопуваше во целиот спортски комплекс од тениско игралиште, мултинаменско игралиште и реновираната сала во училиштето, сега гние и собира ѓубре и вода.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.