Гимназијалците од “Мирче Ацев” во чест на хероите

den-na-makedonskata-revolucionerna-borba

На 23 Октомври 1893 година во Солун, група македонски интелектуалци ја создадоа Македонската револуционерна организација. Главната цел на Организацијата е низ организирана форма на целата територија на Македонија да се започне со вооружена борба за ослободување на Македонија и создавање на Македонска држава.
Денот на создавањето на МРО, во нашава држава го празнуваме како „Ден на македонската револуционерна борба“.

Во пресрет на овој голем македонски празник, поголема група ученици од втора година од  гимназијата “Мирче Ацев” – Прилеп, под водство на професорот по историја Николче Богданоски, директорот на гимназијата, Кире Николоски и професорката Маријана Спиркоска, посетија три историски обележја од Прилеп и прилепско.

Најпрво, во Кадино Село, посетен беше гробот на револуционерот Методија Патче. Таму ученичката Стефанија Стефаноска во кратки црти ги запозна присутните со создавањето, целите на Македонската револуционерна организација (МРО), почетоците на организираната форма на борба за слобода и создавање на Македонска држава и со значењето на престојниот празник.
Потоа положено беше свежо цвеќе на вечното почивалиште на Патчев за чиј живот и револуционерна дејност пред присутните реферат прочита ученичката Јана Луческа.

Во црквата „Св. Благовештение“ (Стара црква) посетен беше гробот на големиот македонски револуционер Пере Тошев. И таму положено беше свежо цвеќе, а за животот и делото на револуционерот реферат прочита ученичката Марија Јорданоска.

На крајот, посетен беше и споменикот на Ѓорче Петров во центарот на Прилеп. Положено беше свежо цвеќе, по што, ученичката Катерина Бошкоска прочита реферат за херојот.

 

1

2

3

4

5

6

7 8

Присутните ученици беа задоволни од овој историски час. Научија нешто ново, запознаа неколку историски споменици и изразија желба да продолжи ваквата практика на запознавање на нашиот град и пошироката околина.

Со оваа скромна активност, оддадена им беше почит на овие и на сите други македонски херои членови на МРО, кои беспоштедно се бореле и ги оставиле своите животи во темелите на МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА.

 

9

10




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.