“Генерациски поздрав”

Пишува: Taмара Мирческа

“Не знам дали е потребно да се обратам само на една генерација на луѓе која последниве недели никако да ми излезе од мисли и кротко јаде и откорнува дел од мене. Или пак да им се обратам на сите генерации за кои мислам, сум мислела и ќе мислам секогаш.

Не знам дали самиот датум ме принуди да седнам и дел од мисливе впишам на лист хартија или најсовремено, да постирам на некоја социјална мрежа. Сакам сама на себе, а и исто на цела генерација 2001 да им ја честитам матурата. Не знам зошто ама ова честитање ми нанесува толку тежина и ме депримира, што ме води до нерамнотежа и следен момент сум веќе на земја…со сите тие ситуации низ кои поминавме последниве месеци и тек тие што се најавуваат..треба да примиме некоја сила, исправиме и фрлиме во борба..

Последниве неколку месеци ме натераа да седнам сама со себе, во четири ѕида да се запознаам со онаа ЈАС, на која претходно можеби и доволно време не сум и одвојувала и внимание посветувала. Научив некои работи за себе, светот, луѓето кои ги сакам и почитувам. Имаше различна доза на восхитеност, изненаденост, но, не можам да ги заборавам и тие болки од разочараност..

Како и секој човек, дете..кој што мечтаел за својот прв школски ден, потоа септември во шесто одделение, полуматура, прв бакнеж, врска, средно училиште, екскурзија, свадба, свое семејство и многу, многу ред работи..исто така и секој од нас мечтаел за својата матура, крајот од една четиригодишна авантура.

Еден крај, исполнет со нов почеток.

Колку и да биле мачни тие четири години, колку и да биле полни со разочарувања, докажувања, караници..колку и да биле исполнети со солзи, без разлика дали биле од радост или тага. На крајот сите се враќаме на почетокот и сакаме да ги помнеме и раскажуваме убавите мигови, да се смееме на слатките грешки, пееме заедничките песни, споделуваме искуства и слично.

Моите четири години не беа ниту претерано прекрасни, ниту пак претерано лоши. Воглавно ми беа години во кои доста се проучував себеси. Од типот: Каде сум? Зошто сум тука каде што сум? Каде сакам да бидам и слично..имаше дел луѓе кои ми помагаа во мојата одлука, дел кои истата ја прекоруваа, верував и се надевам доволно ги испочитував сите. Селектирав, лепев, склопував..и ако денес некој ме праша..не знам кој ми е финалниот производ..ама уште малку ми треба, се надевам ќе го завршам, сето тоа, успешно.

Повеќе од многу ми е криво што животот одлучи вака да ни направи. Ова не го мислам само за мене и мојата генерација, ова го кажувам и го мислам за сите луѓе на целиот свет. За сите оние кои се болни и се борат со вирусот, исто така и за сите оние на кои вирусот им ги одзел саканите, сите оние кои ги загубиле своите работни места, сите оние ученици и млади срца кои се затвориле дома, сите стари лица за кои вирусов е многу лоша закана..за оние кои не ја вкусија слатката полуматура, учениците од трета година кои ја пропуштија својата екскурзија..за нас кои не успеавме како и сите минати матуранти да ги напуштиме своите клупи за последен пат, да изиграме оро во училишниот ходник и двор, да се гушнеме меѓусебе со сите луѓе кои ни помогнале и учеле како да застаниме на нозе..за сите професори на кои ќе им недостигаме и ќе ни недостигаат, на служителите кои ни даваа клуч од училниците кога ни беше ,,ладно” во ходник, на директорите од сите училишта кои успешно се покажаа како одлични лидери, на сите бруцоши кои исто како што ние си замислуваме прва година факултет..нивната е веќе далеку од полоша и се борат, пливаат, сакаат при воздух да дојдат..а светот е против нив и ги остава да се удават..но, исто така и за сите други студенти од различни години, за сите апсолвенти, за сите млади заљубени парови кои својот ден за паметење им го пролонгираа за подоцна, на сите идни мајки кои со страв го носат детето во себе..ги има многу, доколку изоставив се извинувам..

Во иста каша сме сите луѓе..со ист непријател се бориме сите..сега можеме да сфатиме и како им е на оние кои цел живот се слепи. Се бориме со некој невидлив непријател, ние не го гледаме, тој не гледа, и како глувчето Џери што си играше со мачорот Том, кога се намачка со крем за невидливост..ете исто, во оваа ,,игра” ние сме беспомошниот Том..некој си игра со нас..ама ние не можеме ниту да го фатиме, ниту избркаме и спасиме од него.

Знам дека пропуштаме многу, многу идни планови и цели, многу планирани патувања се удавени во вода..многу срцина се скршени..многу личности променети.

Од лошото треба да издвоиме добро, така не учеа кога бевме мали. Пааа..тоа треба да го направи секој од нас, за да се почувствува за нијанса подобро. Помага, верувајте..ама тешко е!

Не сакам повеќе да должам..но, последните неколку реченици сакам да ги посветам на бројни личности кои ќе ги паметам цел живот (исто како што и во текот на целиот текст можете да се пронајдете, ова го потенцирам затоа што ми е конкретно само за тие ВАС). Разните мерки и самата ситуација, ми ја крати можноста и не ми допуштаат тоа да го напрам физички и силно завршам со прегратка. Па затоа ќе се потрудам на овој, некој, свој начин.

Сакам да искажам благодарност до сите професори кои ми предаваа во минативе четири години. Со некои можеби се знаевме во текот на сите години, со некои само дел, неколку месеци, времето не е битно. Сите оставивте некаков белег на нас – учениците, по кој ќе Ве паметиме. Вие следниот септември ќе се вратите можеби во истите училници кои претходно ги делевте со нас..за жал, ние тоа повторно нема да можеме да го искусиме..па се надевам..направивме некаква промена во Вашите животи, и ќе останеме како учтива и боречка генерација. Благодарам за тоа што нѐ научивте, економски, да го разликуваме поимот ,,стока” и бројните други економски поими. Сакам да искажам благодарност исто така и до сите директори/ки кои нѐ пресретнаа во годините наназад. До сите вработени во службата и одличните служители кои беа наши најверни пријатели.

Исто така сакам да искажам преголема благодарност и одвојам својата класна Nade Trajkoska , која иако со нас беше три години, тие години машки се бореше за сите нас и нѐ гледаше како сопствени деца.

Воедно, да ја поздравам и целата моја генерација, сите ученици од сите класови! Фала Ви на сите, за неизмерните години поминати!

Можеби не бевме најдобра генерација, бевме и доста мала генерација, но, верувам дека од нас ќе излезат доста успешни возрасни луѓе во иднина!

Премногу ми е тешко што не можеме да се гушнеме и среќни излеземе од нашата училишна зграда, да се капиме и истражуваме Будва и облечеме нашите аутфити за посебната ноќ..Но, ние оваа наша матура ја ,,прославивме” многу похрабро од сите минати!

Запомнете дека сте прекрасни и незаборавни! Ви испраќам виртуелни прегратки и бакнежи на СИТЕ!

До следно видување,
а Вас Ви останува да се чувате што е можно повеќе!!!”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.