Во ликовниот салон на ЦК “Марко Цепенков”, oтворена ретроспективна изложба на скулптури

Во Ликовниот салон во ЦК „Марко Цепенков“ Прилеп отворена е ретроспективна изложба на скулптури во дрво изработени во текот на 50 години континуирано ликовно творештво во „Интернационалното студио за пластика во дрво“ во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп.

На изложбата, освен скулптури во дрво се изложени и фотографии на дел од изработените скулптури, од кои најголемиот дел се поставени во институции низ државата.

Иложбата е дел од годишната програма за работа на ЦК „Марко Цепенков“ за 2021 поддржана од Министерството за култура, а во присуство на градоначалникот Борче Јовчески, ја отвори Јана Јанеска Ристески историчар по уметност, која посочи дека ликовните работилници континуирано оставаат уметнички дела кои на очигледен начин ја отсликуваат нивната креативност, уникатност и нивниот иновативен карактер.

– Уметничките дела се впишуваат во современите уметнички трендови, дела кои се доста сугестивни, кои отвораат простор на индивидуална авантура, дела кои отвораат нови перспективи и имаат вредност да инспирираат нови концептуални решенија за идните генерации – рече Јана Јанеска Ристески.

ЦСЛУ-Прилеп во континуитет секоја година прави одличен избор на уметници од домашната, но и од меѓународната уметничка сцена, од кои дел се познати и во светски рамки.

-ЦСЛУ-Прилеп континуирано потврдува дека поседува квалитет, компетентност и традиција да носи големи имиња/автори. Индивидуалната нишка на нашето постоење се крие во она што ќе го оставиме позади нас. Богатството кое Прилеп го добива секоја година преку ликовните изрази е наследство кое го оставаме на нашите идни генерации – велат од ЦСЛУ.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.