Владата го усвои ребалансот на Буџетот: Обезбедени нови средства за повеќе сектори

Владата го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, со вградени амандмани усвоени во собраниската Комисија за финансирање и буџет, соопшти Министерството за финансии.

Со измените се обезбедени дополнителни средства за жените кои вршат земјоделска дејност, воспоставување национална СОС линија за поддршка на жртви на родово и семејно насилство, како и отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство.

Дополнетиот Предлог-ребаланс, заедно со предложените измени, ќе биде доставен до Собранието на усвојување.

Со ребалансот, вкупните приходи се проектирани на 379,5 милијарди денари, додека вкупните расходи на 425,8 милијарди денари.

Од Министерството за финансии наведуваат дека дополнителните средства се насочени кон приоритетни области, меѓу кои земјоделските субвенции, субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршката за спортот, студентскиот и ученичкиот стандард.

Предвидена е и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку средства за социјални надоместоци, заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација, како и дополнителни средства за здравствена заштита.

Со ребалансот се зголемуваат средствата за капитални инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари, што претставува раст од 14,5 проценти во однос на првичниот Буџет. Воедно, се намалуваат расходите за стоки и услуги.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од БДП, додека економскиот раст е проектиран на ниво од 3,5 проценти.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.