Битолчанец е добитник на Годишната награда на Народна банка

Младиот истражувач Димитар Фуна од Битола е добитник на Годишната награда на Народната банка, која се доделува на млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството. Најдобро оценетиот труд беше прогласен за време на 8. Истражувачка меѓународна конференција, која беше одржана во организација на Народната банка во соработка со Европската инвестициска банка.

Трудот е насловен „Проценка на дистрибуцијата на доход во Северна Македонија: Пристап базиран на претходно недостапни даночни податоци“. Како што самиот наслов кажува, целта е преку употреба на алтернативен нов сет податоци од даночната сфера, да се направи подобра проценка на дистрибуцијата на доход во земјава. Со тоа авторот го проширува портфолиото алтернативни пристапи за оцена на доходовната нееднаквост. Авторот посочува дека очекува со ваквата анализа да се зајакнат видувањата за нееднаквоста во распределбата на доходот кај нас, како насоки за носителите на политиките.

Димитар Фуна дипломира на Економскиот Факултет при УКИМ во Скопје во 2020 година додека во 2021 година се стекнува со звањето магистер по финансии и сметководство при Империјал Колеџот во Лондон, Велика Британија.

Народната банка ја доделува Годишната награда за млади истражувачи шестнаесет години. Целта е преку наградата да се афирмираат младите истражувачи и да се даде придонес во развојот на истражувачката дејност во земјава во областа на макроекономијата и банкарството. Согласно со досегашната практика, наградениот труд ќе биде презентиран на Клубот на истражувачите на Народната банка – кој служи како центар за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на истражувачите на ова поле на интерес.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.