Битола, Охрид, Сарај и Центар добија средства, а прилепската Стара чаршија остана бела во очите?? Градот се распаѓа??

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера ги потпиша договорите со општините Чаир, Центар, Битола и Охрид за имплементација на проектот „Ревитализација на излозите старата чаршија“.

„Целта на проектот за уредување на излозите во старите чаршии низ државата е враќање на автентичниот изглед на чаршиите, а воедно и нејзино разубавување и привлекување на што поголем број на посетители и туристи. Ние во во рамки на Програмата за развој на туризмот за 2018 предвидовме, после скопската, да ја прошириме оваа активност и на останатите чаршии, и тоа во соработка со општините на чија територија се наоѓаат тие. За реализација на овој проект годинава обезбедивме буџет од 16,5 милиони, а преку јавен повик беа поканети општините Чаир, Центар, Битола, Охрид и Струга да аплицираат, притоа запазувајќи ги условите од самата техничка документација и предмер-пресметките, кои ги дистрибуиравме до нив”, рече Бектеши.

Министерството за економија го започна овој проект во 2015 година, како пилот проект најпрво во Старата скопска чаршија, во која беа уредени 11 излози во блок 3.2 од Старата скопска чаршија. Имајќи го предвид големиот интерес, а и резултатите од проектот, во 2016 година проектот беше продолжен со уредување на комплетниот блок 3.2., односно пластичните и алуминските излози беа заменети со дрвени, притоа да не изгубат на автентичноста; натписите на дуќаните беа уредени унифицирано – на дрвена платформа; беа поставени слични тенди со различна боја, за да се издвојуваат дуќаните еден од друг, а во некои дуќани беа предвидени и дрвени кепенци, повторно во контекст на автентичноста на нивниот првичен изглед.

Ваков проект во своите предизборни ветувања пред прилепчани имаше и актуелниот градоначалник Илија Јованоски, кој тогаш викаше дека планира целосно реставрирање на Старата чаршија во Прилеп.

Но, како и многу други големи ветувања и овој проект е далеку од отпочнување и реализација.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.