ФОТО: ”Раѓањето на ФК ”Победа” и РК ”Прилеп” кои денес згаснуваат благодарение на новиот живот?!”

Ракометот и фудбалот во Прилеп се спортови кои се практикуваат од дамнина. Прилеп од секогаш важел како расадник за спортски таленти, а од градот излегувале врвни спортисти и во мигови кога спортот бил во најголема криза.

Aко пред неколку години локалната самоуправа на општина Прилеп предводена од доскорешниот градоначалник Марјан Ристески, заедно со бизнис секторот од градот, направија напори и успеаа да го вратат спортот во градот, денес одново се’ се движи во надолна линија.

Прилепските компании Прилепска пивара, Кабелнет, Комфи Ангел, Жито Прилеп, заедно до општината на 17 октомври 2013 година, ја започнаа иницијативата за враќање на стариот сјај на фудбалскиот клуб Победа, клуб кој тогаш настапуваше во втората фудбалска лига.

Набрзо оваа иницијатива успеа, а клубот за две години се врати во првата лига.

Со иста визија и желба да се врати епитетот и времињата на врвните спортски партии на некогашниот ракометен клуб “Тутунски Комбинат”, во 2010 година беше формиран нов клуб РК “Прилеп”.

Клубот кој започна од најниските по ранг натпреварувања, стигна до првата лига, им претеше на сите фаворити, а во 2016 година заигра и во ЕХФ купот.

И кога сите очекуваа ваквите успеси да продолжат и во иднина, спортот да се развива, да се охрабрат бизнисмените да вложуваат уште повеќе средства, Победа да се бори за првите 3-4 места, а Прилеп редовно да игра на завршниот фајнл-фор турнир, се случи промена на локалната власт во градот.

Тоа е нормална работа во едно демократско општество, но не и кај нас. Новата локална самоуправа сега предводена од градоначалникот Илија Јованоски од редовите на СДСМ во првиот месец според пишувањата на медиумите и раководството на клубовите, ги укина средствата кои општината редовно им ги исплаќаше.

Што и зошто се случи, е предмет на дискусија насекаде. Како одденаш исчезнаа ветувањата за големи вложувања во спортот и младите, за нови инфраструктурни спортски објекти и за уште поголемо издигнување на спортските клубови во градот под Марковите Кули….?!

Ова се прашања кои ги мачат прилепчани, а особено вљубениците во спортот, кои редовно ја полнеа салата во “Ристе Ристески-Ричко” и стадионот на Могила.

Ракометниот клуб Прилеп е пред распаѓање. Раководството направило напори да се одигра првиот дел од сезоната и да не се загуби ниту еден меч со службен резултат. Според информациите кои неодамна се проширија, повеќе од играчите веќе подигнале исписница, а клубот веројатно ќе згасне.

Победа исто така ги загубила средствата од општината, а се шпекулираше и за напуштање на дел од спонзорите.

Од клубот успеаа да го задржат актуелниот тренер Црногорецот Бубања, а моментално се подготвуваат за вториот дел од сезоната. Сепак, досега нема најава за засилувања на играчки кадар.

До каде ќе оди оваа ситуација со спортот во Прилеп, јавноста многу наскоро ќе има целосна и прецизна слика.

Во продолжение само мало потсетување што ветуваше сегашниот градоначалник Јованоски заедно со спортистите и спортски работници блиски до СДСМ во предизборната кампања за локалните избори.

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.