Руска Федерација: Владата на Заев лаже во соопштението за средбата со амбасадорот на Русија

Премиерот на Република Македонија Зоран Заев и Владата која е во под негова контрола, лажат за што се разговарало на средбата со рускиот амбасадор во Македонија. Од амбасадата на Руската Федерација реагираа дека текстот во посоченото соопштение на Владата не е усогласен од руска страна и не претставува сосем коректен одраз на одделни оценки кои биле изнесени во текот на разговот.

-Во врска со соопштението на службата за информирање на Владата на Република Македонија што беше пренесено од страна на МИА и други медиуми, а по повод средбата на Амбасадорот на Руската Федерација г.Олег Шчербак со Претседателот на Владата на Република Македонија, г.Зоран Заев, која се одржа на 19 октомври 2017 година, Амбасадата информира дека текстот на посоченото соопштение не е усогласен со руската страна и не претставува сосема коректен одраз на одделни оценки кои беа изнесени за време на разговорот од страна на Амбасадорот на Русија, се вели во соопштението на амбасадата на Руската Федерација.

Во соопштението на амбасадата на Руската Федерација, се вели дека руската страна ја потврдува својата посветеност на сестрано и конструктивно унапредување на традиционално пријателските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија.

Во соопштението на Владата на Република Македонија со кое не се согласува руската амбасада, се вели дека рускиот амбасадор ја поздравил енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот голем придонес кон демократските процеси што ја движат Македонија напред. Исто така, се вели и дека Шчербак изразил почитување кон искрените и конструктивни политики на премиерот Заев и на Владата, коишто водат кон евро-атлантски интеграции на Република Македонија, но и унапредување на односите со другите држави на полиња од заеднички интерес за граѓаните на земјите и за мирот во светот.

Во соопштението со кое не се согласува руската амбасада се вели и дека заеднички е оценето дека отворените и посветени политики на премиерот Заев и на новата Влада создаваат услови за интензивирање на соработката помеѓу Република Македонија и Руската Федерација во областа на економијата, трговијата и инвестициите, земјоделството, енергетиката, транспортот, научно-техничката соработка и културата, што ќе се унапредува со меѓувладина и меѓупарламентарна соработка.

Извор: Курир




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.