Почитувани сограѓани ….
Пријатели, познаници,… бевме 12 години помлади кога ЗАЕДНО одлучивме дека можеме и мораме повеќе, дека сакаме да живееме во едно историско место на земјината топка што заслужува да се вика ГРАД Прилеп. Бидејќи тука сме се родиле, сме живееле, некои заминале, па се вратиле, но со нив ја носеле гордоста дека се ПРИЛЕПЧАНИ. Почнавме скоро од ништо, од пустош, од очај, од хаос, безизлезност и безидејност… Денес е се поинаку, подобро, поурбано, почисто, попросперитетно. ЗАЕДНО треба да продолжиме да реализираме, да проектираме, да осовременуваме… Прилеп да продолжи да го живее европскиот сон.
Кога пред 12 години дојдов на местото градоначалник, во општина Прилеп имаше рекордна невработеност, начекав пропаднати фирми и избркани инвеститори, комплетно уништена економија. Образовните и здравствените институции беа пред вистински крах, во нив се немаше инвестирано со децении. Прилеп за жал беше еден од највалканите и најнеуредени градови, без никаква инфраструктура. Центарот на градот немаше ниту еден вистински уреден плоштад или катче за одмор.
КРАХИРАНИ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА, со огромни долгови, без ниту основни средства за работа, а за административни згради и да не зборуваме. Впрочем и тогашната зграда на Локалната самоуправа беше сместена во руинирани БАРАКИ !!!
Прилепчани со години немаа нормално водоснабдување, канализациони системи, а дури над 50% од улиците во градот немаа асфалт. За асфалтирање на патишта пак до населените места не стануваше ниту збор. Симболите на градот: „Могилата“, „ Участакот“, „Градскиот часовник“ и другите историски знаменитости и спомен обележја беа оставени буквално на забот на времето.
Погрешно водените политики во минатото и тешката транзиција, градот кој постои веќе еден милениум, го направија навистина бесперспективно место за живеење.
За 12 години заедно со Вас, како мои сограѓани и како дел од мојот тим, со вашите идеи и поддршката успеавме од Прилеп да направиме пристојно место за живеење за сите генерации.
[Best_Wordpress_Gallery id=”542″ gal_title=”1234444″]
Почитувани,
Денес градот на тутунската индустрија, градот херој, градот на Крал Марко, Цепенков, Конески, Кепески, градот на Пеце Атанасовски, на Ченто, Пере, Ѓорче, Кузман, … градот на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, на „Пиво-фестот“, на Прилепско културно лето, на карневалот „Прочка“, џез фестивалот, современа библиотека и читална… е град на нови инвестиции, нови вработувања.
За 12 години успеавме да постигнеме рекордно намалување на невработеноста, влегоа странски инвестиции. Изградивме и нов транспортен центар со нова автобуска станица, а по 8 децении постоење за прв пат ја реконструиравме железничката станица, на која пристигнаа новите возови, а во градот за прв пат се воведе јавен градски превоз. Се асфалтираа над 200 км, улици, општински и државни патишта, започна капиталната инвестиција, експресен пат Прилеп-Градско, а на повидок е и пристигнувањето на гасоводната мрежа, сон на сите прилепчани.
Прилеп денес е град на спортот и спортските манифестации, лидер во легализирани објекти, нови развојни генерални планови, индустриски зони, нов водовод и пречистителна станица, селектиран отпад, терминал по европски терк, современ пазар.
Вложивме над 10 милиони евра за подобрување на условите во училиштата, ги зголемивме капацитетите за сместување во градинките, изградивме нови спортски сали и терени.
Денес Прилеп е пример за соживот помеѓу ромското и македонското население со инвестирани над 15 милиони евра во повеќе проекти во ромската населба Тризла : нови улици, канализација, водоводи, осветлување, реконструирано училиште, нова спортска сала, подобра едукација на Ромите, стотици вработени Роми во јавниот и приватниот сектор, изградба на нова џамија и друго.
Прилеп стана центар на екстремните спортови, како и центар на фестивалскиот туризам на Балканот кој секоја година носи стотици илјади посетители.
Не го заборавивме ниту нашето културно богатство и историја. Се отвори нова археолошка поставка, се изградија патишта и се реконструираа најважните манастири во прилепско, а се изградија и 4 нови цркви.
Почитувани мои сограѓани,
Сите овие проекти се наши заеднички дела, реализирани од заеднички идеи, проекти кои ќе ги оставиме во наследство на идните генерации. Заедно создадовме историја. Нашата визија е економски силен и моќен Прилеп.
И што е најважно, никогаш не рековме доста е и дека застануваме тука. Туку и понатаму без одмор и со несмалено темпо, заедно со вашата поддршка и идеи, нашата транспарентност, отчетност и домаќинско работење ќе продолжиме да го градиме новото лице на европски Прилеп, град кој ќе биде гордост за сите нас, град препознатлив во Македонија и регионот.
Овој отчет кој го презентирам содржи стотици реализирани проекти во изминатиов период кои го подобрија квалитетот на животот на граѓаните во секој поглед. Во отчетот ќе се пронајден секој наш сограѓанин. Отчет кој ќе биде поттик за реализирање на сегашни и идни проекти во интерес на Општина Прилеп. Прилеп пред се, Македонија пред се !
Би сакал само уште да потенцирам дека отчетот ќе биде поделен во печатена форма на нашите сограѓани, а истиот ќе може да се најде и во електронска верзија на општинската интернет страница www.prilep.gov.mk.