Интервју со Пеце Рајатоски, новото засилување на РК Прилеп: “На секој натпревар ќе одиме на победа. Се надевам дека ќе имаме успешна сезона”

– Koлку време си во ракометот, каде се твоите почетоци и како се движеше твојата досегашна кариера?

Со ракометот започнав на 12 години во ракометната школа “Хераклеа” во Битола и се натпреварувавме во пионерски и кадетски лиги. Таму бев 5 години, а потоа продолжив во Пелистер, почнувајќи од младинската школа, па се до сениорскиот тим во кој бев се до оваа сезона, 6 години.

– Во Прилеп доаѓаш како големо засилување. Како си задоволен од приемот во клубот, условите со кои располга и кое е твоето видување за престојната сезона?

Луѓето во клубот се одлични, како управата така и играчите. Имаме солидни услови, тренираме по два пати на ден, теретана и во сала. Треба да имаме уште неколку пријателски натпревари, па се надевам дека ќе влеземе подготвени во сезоната која претстои и дека ќе обезбедиме место во “плеј-оф”.

– На која позиција настапуваш и дали можеш да играш и на друга позиција кога е тоа потребно?

Играм на позиција десно крило. Само да не следи здравје целата екипа и нема да има потреба од експерименти и менување на друга позиција.

– Сигурно имаш свои желби и предизвици, каде се гледаш во твојата играчка кариера и што е твоја главна цел?

Желба на секој играч е да заигра во германската “Бундес лига”, па и во француската лига од која секоја година се повеќе екипи стануваат дел од врвот на европскиот ракомет. А како главна цел, се надевам дека би заиграл за Македонската репрезентација на некое Светско/Европско првенство.

– Прилеп и Битола важат за ривалски градови. Дали Рајатоски ќе биде немилосрден кога РК Прилеп ќе се сретне со битолските клубови или ќе биде попуслив?

Различно ќе биде чувството во Битола да настапуваш како гостин, особено против мојот матичен клуб Пелистер, но мора да се одработи професионално и се надевам дека достојно ќе му се спротивставиме, како на Пелистер така и на Еурофарм работник.

– Што можеме да очекуваме од Пеце Рајатовски кога ќе настапува во жолтиот дрес?

Може да се очекува како од мене така и од целата екипа дека ќе дадеме се од себе и на секој натпевар ќе одиме на победа. Се надевам дека ќе имаме успешна сезона.

 

Ф.Г.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.