Градскиот базен во Кавадарци денеска и официјално беше пуштен во употреба по целосната реконструкција, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за спорт Борко Ристовски, градоначалникот Митко Јанчев и бројни гости.
Станува збор за еден од најсовремените спортско-рекреативни комплекси во државата, реконструиран со инвестиција од околу еден милион евра, обезбедена преку вториот јавен повик на Владата.
Во рамки на реконструкцијата, целосно се обновени големиот и малиот базен, инсталиран е современ систем за филтрација и пречистување на водата, поставени се нови водни атракции, тобогани и детски реквизити, а обновени се и соблекувалните, тушевите, санитарните јазли, лекарската просторија, пристапните патеки и останатите придружни содржини.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека комплексот има регионално значење и претставува значајна инвестиција за граѓаните.
– Повторно сме во Кавадарци. Минатиот пат кога бев тука пред десетина дена почнувавме проект, а сега пуштаме во употреба проект. Овој спортско-рекреативен центар има регионално значење и е добар, да не речам одличен, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека од запуштен објект, базенот денес е модерен комплекс кој ќе биде наменет за најмладите, спортистите и сите граѓани.
– Од целосно запуштен објект, кој сведочеше за едно лошо време, денес гледаме како добива смисла и содржина. Особено ме радува што можам да ги видам најмладите како уживаат во она што го правиме токму за нив, рече премиерот.
Мицкоски упати благодарност до градоначалникот Митко Јанчев, пратениците, советниците, општинската администрација и Владата за реализацијата на проектот.
– Продолжуваме да работиме и да го исполнуваме ветеното, бидејќи тоа е нашата цел и наша задача како политичари, порача премиерот.
Со отворањето на реконструираниот базен, Кавадарци добива современ спортско-рекреативен центар кој ќе придонесе за развојот на спортот, рекреацијата, туризмот и поквалитетен живот на граѓаните.
































