Синоќа во преполната сала на театарот во Бјалисток, Полска, Народниот театар Битола ја изведе „Кориолан“ како дел од јубилејното 10. издание на меѓународниот театарски фестивал „Direction East“. Делото од Вилијам Шекспир, во режија и адаптација на Џон Блондел, и овојпат го привлече вниманието на публиката која ги награди актерите со долготрајни и стоечки аплаузи.
Секое гостување надвор од границите на нашата земја е повеќе од сценски настап – тоа е можност македонската култура да биде видена, слушната и препознаена. Секое учество на фестивал од меѓународен карактер отвора простор за размена на уметнички искуства, нови професионални контакти и идни соработки, а воедно го потврдува местото на Народниот театар Битола во современиот европски театарски простор.
„Токму преку ваквите гостувања, театарот станува културен амбасадор на својата земја – носејќи ги со себе јазикот на уметноста, креативноста на нашите уметници и приказните што ги поврзуваат различните култури“, истакнуваат од НТБ.
Оваа изведба во Полска, следуваше по гостувањата на „Охридско лето“, Shakespeare Fringe Festival во Верона и „Magical Nights in Butrint“ во Саранда.
Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска.
Од Битола кон европските сцени – и овојпат со гордост НТБ го претстави македонскиот театар и понатаму продолжува да гради мостови преку уметноста.
Фотографии: Ивона Кочов

























