Крушево викендов беше домаќин на делегација од Република Унгарија, во рамки на средбата посветена на продлабочување на пријателските односи и унапредување на соработката меѓу Крушево и унгарскиот град Игал.
Во посетата учествуваа заменик-амбасадорот на Република Унгарија во Македонија, Атила Фодор, градоначалникот на Игал, д-р Имре Ласло Санто, претставници на унгарската амбасада и институциите од Игал, како и членови на Здружението на Унгарците во Република Македонија „Теледом“.
Како што информираше градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, средбата била можност за размена на искуства и разговори за идната соработка во областа на туризмот, културата, образованието и локалниот економски развој.
Посебен акцент бил ставен на одбележувањето на 23 Октомври, датум кој, според Чонески, ги поврзува македонскиот и унгарскиот народ преку историската борба за слобода, достоинство и право на сопствена иднина.
Чонески им се заблагодари на унгарските гости за посетата и изрази уверување дека пријателството меѓу Крушево и Игал ќе продолжи да се развива преку нови иницијативи и конкретни резултати во интерес на граѓаните.
Средбата претставува можност за натамошно зацврстување на врските меѓу двата града и отворање нови перспективи за соработка во повеќе области од заеднички интерес.
























