Улица ‘Дебарска’ во Битола конечно добива нов лик – започна целосната реконструкција по 30 години негрижа (Фото)

По повеќегодишните проблеми со дотраената инфраструктура, започна реализацијата на проектот за целосна реконструкција на улицата „Дебарска“ во Битола.

Од Општина Битола информираат дека проектот е подготвуван во изминатиот период, а активностите сега влегуваат во фаза на реализација согласно Програмата за развојни планови и договорот со Министерството за транспорт, со обезбедени средства преку унгарскиот кредит од вториот владин повик.

Градежните работи започнаа на првата делница од улицата, односно потегот од улицата „Димитар Влахов“ до улицата „Илинденска“.

Проектот опфаќа целосна реконструкција на инфраструктурата, при што за реконструкција на мешовитата канализација се предвидени 12.148.109 денари, за водоводната линија 4.991.136 денари, додека за реконструкција на коловозот 20.146.392 денари.

Вкупната должина на улицата која ќе биде реконструирана изнесува околу еден километар.

Од локалната самоуправа посочуваат дека по долг период на проблеми, изработен е проект, обезбедени се средства и избрани се изведувачи за целосно уредување на улицата „Дебарска“.

Воедно, од Општина Битола нагласуваат дека инфраструктурните проекти се еден од главните приоритети во 2026 година, со над 900 милиони денари планирани средства за оваа намена.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.