Успехот се должи на нашата стручност и на квалитетот на услугите што го постигнуваме преку големиот професионализам и посветеноста на нашите вработени. Грижата за нашите клиенти отсекогаш ни била приоритет и тоа е една од нашите особини за континуиран успех и напредок, за што нашите ценети клиенти нѐ наградуваат со долгогодишна доверба и лојалност. Продолжуваме по истиот пат! – вели Даниела Перканоска, генерален менаџер на „Авто Контрол“ – Прилеп и една од 20-те најуспешни жени менаџерки прогласени од Aгенцијата “Maрли”.
Во продолжение проследете го интервјуто на г-ѓа Перканоска за бизнис каталогот на Агенцијата “Марли” и дознајте зошто “Авто Контрол” од Прилеп во топ 10 компании за техничко испитување на возилата во Македонија.
Компанијата располага со две патеки за технички преглед и инспекциски активности на сите видови возила, во кругот на станицата успешно функционираат современ автосервис и низа сродни поврзани дејности, а поседуваат најсовремени уреди и опрема за испитување и дијагностика.
МАРИЛИ: Од кога постои приватната компанија „Авто Контрол“ и која е нејзината основна дејност?
ПЕРКАНОСКА: Почнавме пред 20 години како сервис за поправка на возила, а „Авто Контрол“ е основана пред осум години и таа е плод на нашиот повеќегодишен труд како семејна компанија што денес располага со две патеки за технички преглед и инспекциски активности на сите видови возила. Во кругот на нашата станица успешно функционираат современ автосервис и низа сродни поврзани дејности што се дополнуваат и креираат центар за исполнување на барањата на клиентите и грижа за возилата. Поседуваме најсовремени уреди и опрема за испитување и дијагностика што постојано се надградува и дополнува во согласност на европските регулативи и директиви. Може да се пофалиме дека за овој период нашата компанија се етаблираше меѓу првите десет во државава, во дејноста техничко испитување и анализа. Успехот се должи на нашата стручност и на квалитетот на услугите што го постигнуваме преку големиот професионализам и посветеноста на нашите вработени. Грижата за нашите клиенти отсекогаш ни била приоритет и тоа е една од нашите особини за континуиран успех и напредок, зашто нашите ценети клиенти нѐ наградуваат со долгогодишна доверба и лојалност.
МАРИЛИ: Компанијата има и други значајни дополнителни дејности. Според која специфика на овие дејности сте препознатливи како единствени во Пелагонискиот Регион?
ПЕРКАНОСКА: Станицата за технички преглед „Авто Контрол“ е единствена во Прилеп што поседува сертификат за акредитација за голем опсег на услуги, издаден од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија и таа е овластена техничка служба од тип А во својство на тело за оцена на сообразност за инспекција на возила за следниве услуги:
– Поединечно одобрување на возила – хомологација;
-Oдобрување на преправени возила – А-ТЕСТ;
– Инспекција на подготвеноста на возилата за сообраќај
(ЦЕМТ/ЕКМТ); и
– Инспекција при утврдување и втиснување на идентификациски ознаки на возилата (број нашасија и број на мотор).
МАРИЛИ: Водејќи се од вашето мото „Безбедноста на прво место“, кажете ни кои се главните постулати на политиката за квалитет што ја спроведувате кон корисниците на вашите услуги?
ПЕРКАНОСКА: Безбедноста во патниот сообраќај несомнено е еден од најкомплексните проблеми во нашето општество. На сите нас како учесници во сообраќајот треба да ни биде совршено јасно дека мора да се однесуваме совесно и одговорно. Токму поради ова раководството на „Авто Контрол“ се обврза на добра професионална практика и квалитетно давање на услуги на своите корисници преку постојано усовршување на знаењата, вештините, компетентноста и стручноста на вработените, следење и примена на домашната и на странската законска регулатива, воведување меѓународни стандарди во своето работење, идентификација и отстранување на ризиците на дневна основа. Извршувањето на секојдневните задачи на вработените е во согласност со утврдената политика на квалитет. Во исто време, ние, како општествено одговорна компанија, преку совети за безбедно учество во сообраќајот и соработка со надлежните институции се трудиме да ги зголемиме свеста и одговорноста на нашите клиенти, да ги подигнеме јавната свест и сообраќајната култура на повисоко ниво и сите заедно да придонесеме за безбеден сообраќај.
МАРИЛИ: Вие сте една од ретките жени менаџери во „машки бизнис“. Кој беше предизвикот да се занимавате со оваа професија и, според вашето мислење, што е пресудно за да напредува жената во кариерата, дали тоа е образованието, личните карактеристики, умешноста да се освојуваат современи вештини за личен развој, поддршката и мотивацијата од работниот тим…?
ПЕРКАНОСКА: Менаџерската позиција е комплекс од повеќе фактори, сведочи за способностите подеднакво кај мажите и кај жените, бидејќи ако сакате да бидете успешен во тоа што го работите, мора да размислувате, да се однесувате, да изгледате и „да играте“ победнички. Приказната за нашата компанија започнав да ја пишувам како мајка на две ќерки и сопруга, водејќи се од искуството во областа на автомобилизмот на мојот сопруг. Моите почетоци значеа поддршка, а подоцна и воведување нови дејности од таа област, поставувајќи си менаџерска задача – соработка помеѓу деловната активност и приватноста, со една единствена цел – успех. Напредокот може да дојде само доколку постојано се работи на надградување на своите знаења и поставување нови и сè повисоки цели. Личниот раст и развој има непредвидливи моменти и тешкотии. Но ние, успешните жени, го даваме својот максимум, имаме разбирање за секого, самодисциплина, свесни сме за секоја одлука што ја донесуваме, храбро и достоинствено стоиме пред сите предизвици. Јас сум голем борец и оптимист и никогаш не се предавам. Клучот на мојот успех се соработката и упорноста. Создавањето тим од луѓе со исти или слични победнички особини и погледи, луѓе што поседуваат проактивен став, енергија, амбиција, ентузијазам, оптимизам и компетенции е услов за да се достигнат поставените цели во согласност со законските регулативи во една општествено одговорна компанија. Почитувањето на туѓото мислење е многу важно, независно на која позиција некој се наоѓа. Успехот на секој во општеството е заеднички успех.
МАРИЛИ: Колку професионалните обврски што ви одземаат голем дел од денот ви оставаат време за приватност, односно дали имате слободно време и како го исполнувате?
ПЕРКАНОСКА: Со добра организација на работата може да се оддели време за себе, за семејството, за пријателите, за сопственото здравје и хармонија и да се биде во тек со културните настани во заедницата. Динамиката и секојдневните многубројни обврски што треба да се исполнат во еден работен ден, како на работното место, така и во рамките на семејството, ме прават сигурна, цврста, истрајна, упорна и решителна. Нашите ќерки треба да добијат правец во животот од примеришто треба да ги инспирираат и за да бидат најдобра верзија од самите себе.