Студентите ќе можат да реализираат практикантска работа во општините во месеците август и септември

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека студентите ќе добијат можност да стекнат практично работно искуство во општините преку програмата „Месеци на практикантство“, која ќе се реализира во текот на август и септември во соработка со државните универзитети.

Според партијата, програмата има за цел студентите уште за време на студирањето да го применат стекнатото знаење во практична работа, со што ќе се олесни нивниот премин од образовниот процес кон пазарот на труд.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека оваа мерка е дел од Стратегијата за регионален развој на Република Македонија 2021–2031 и е насочена кон подобрување на вработливоста на младите, жените и другите ранливи категории, како и кон намалување на јазот меѓу образованието и потребите на работодавачите.

Во соопштението се посочува дека програмата предвидува подобра координација меѓу државните институции, локалната самоуправа и академската заедница, со цел младите да стекнат практични вештини и работно искуство, особено во регионите каде што невработеноста кај младите е поизразена.

Според ВМРО-ДПМНЕ, вклучувањето на студентите ќе го координира надлежната агенција, додека Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на општините и во соработка со државните универзитети, ќе ја организира нивната практична работа согласно потребите на општинските администрации.

Од партијата оценуваат дека со ваквите програми на младите им се овозможува стекнување практични знаења, работно искуство и полесен пристап до пазарот на труд, а општините добиваат дополнителен кадар и нови идеи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.