Со пораки на поддршка, солидарност и надеж, во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп и оваа година беше одбележан 17 Ноември – Светскиот ден на предвремено родените деца.
Во холот на прилепската болница се одржа традиционален хуманитарен настан посветен на најмалите борци, нивните семејства, но и на здравствените работници кои со својата стручност, пожртвуваност и хуманост секојдневно се грижат за нивното здравје и развој.
Во рамките на настанот беше организирана и хуманитарна акција за собирање донации, наменети за уредување посебна просторија во болницата. Таа ќе им овозможи на родителите во пријатна и достоинствена атмосфера да ги преземаат своите новороденчиња по завршувањето на болничкиот престој.
Одбележувањето имаше за цел да ја подигне јавната свест за предизвиците со кои се соочуваат предвремено родените деца и нивните семејства, како и за значењето на навремената медицинска грижа и континуираната поддршка во нивниот понатамошен раст и развој.
Посебна благодарност беше упатена до Здружението на мајки на предвремено родени бебиња од Прилеп, до медицинскиот персонал, сите учесници, донатори и хумани граѓани кои со своето учество и поддршка придонесоа за реализација на оваа иницијатива.
Светскиот ден на предвремено родените деца е потсетник дека зад секој мал борец стои голема приказна за храброст, љубов, надеж и пожртвуваност, а секое новороденче заслужува шанса за здрав и безбеден почеток на животот.


































