Со премиерата на најновиот филм на Милчо Манчевски „Врба“ вечерва 4.11.2019, НУЦК„Марко Цепенков“, а ќе трае до среда вечер, ги започнува активностите за одбележување на 40 години од основањето на ДОМОТ НА КУЛТУРАТА.
Цел месец активностите ќе бидат во знакот на роденденот. Ќе се одржат бројни концерти, претстави, изложби. Меѓу позначајните ќе ги споменеме изложбата „Фрагменти“ од скулпторот Жарко Башески, пијано маратон, концерт на солисти „Амбасада на мајсторство„ од Санпетербуршката школа од Русија, премиера на претставата за деца „Ивица и Марица“, како и концертот на 14-ти ноември, а ќе настапат бројни изведувачи од градот, кога ќе ја одбележиме 40 годишнината.
Националната Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп, го создава, чува и негува богатото културно наследство, вткаено во сопствениот подем, во растот на градот кој неуморно покажува и докажува дека раѓа и одгледува писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија.
Домот на културата “Марко Цепенков“ својата дејност ја започнува во далечната 1979г.. Отворањето било со специјално подготвената театарска претстава “Факел“ од Коце Солунски.
Во почетокот Домот на културата ги потикнуваше аматерските самодејности : фолклор, сликарски школи, литературни, драмски и фото клубови.
Во 90-те години во склопот на Домот на Културата влегуваат КПЗ на град Прилеп, Списанието за литература, уметност и култура “Стремеж“ и ЦСЛУ.
И Домот на културата “Марко Цепенков“ прераснува во Центар за Култура “Марко Цепенков“ Прилеп со професионална и значајна издавачка, ликовно – галериска и сценско музичка дејност.
ЦК“Марко Цепенков“ во 2004 г. го добива статусот: Национална Установа Центар за Култура “Марко Цепенков“ и во нејзини рамки влезе дотогаш Народниот театар “Војдан Чернодрински“
Необично е тешко и речиси невозможно да се систематизираат, па дури и само да се набројат сите културни настани кои се создале, се промовирале, се зародиле, се одиграле во Домот на културата, кој е голема подршка за сите аматери од градот, но пред се голем репрезент на високо професионални театарски, литературни и ликовни дела.
За својата исклучително значајна културна дејност како и за извондредните пред се театарски и музичко сценски изведби во 2009г. НУЦК“Марко Цепенков“, и Домот, ја доби најпрестижната награда на град Прилеп “3-ти Ноември”.