Се празнува Света Ана, мајката на Пресвета Богородица – Верниците се молат за здравје и потомство

Православните верници денеска, 7 август, го одбележуваат празникот посветен на Света Ана, мајката на Пресвета Богородица Марија. Во нејзина чест денеска се одржува празнична богослужба и во црквата во селото Маловишта, во близина на Битола.

Овој храм со години го посетуваат верници кои се молат за здравје, семејна среќа и потомство. Според народното предание, местото има посебно значење за брачни двојки кои имаат тешкотии да добијат деца. Сè уште се одржува и обичајот дел од верниците да преноќат во храмот во ноќта меѓу 6 и 7 август, со надеж дека ќе бидат благословени со пород.

Во близина на црквата се наоѓа и извор со вода за која локалното население верува дека има лековити својства. Според преданието, водата извира во подножјето на стара бука.

Според христијанското предание, Света Ана била сопруга на Јоаким и долго време немала деца. По повеќедеценискиот брак, во подоцнежните години го добиле најголемиот благослов – ќерката Марија, која подоцна станала Пресвета Богородица.

Преданието раскажува дека Јоаким, длабоко погоден од тоа што немал потомство, заминал во пустина каде постел и се молел. Тогаш му се јавил ангел и му соопштил дека неговите молитви ќе бидат слушнати и дека тој и Ана ќе добијат дете. Истата вест, според преданието, подоцна ја добила и Ана.

По раѓањето на Марија, Јоаким и Ана му ветиле на Бога дека својата ќерка ќе ја посветат на храмот. Света Ана се упокоила во длабока старост, по живот исполнет со вера и молитва.

Нејзиниот главен празник во православниот календар се одбележува на 9 септември, додека денешниот ден е посветен на споменот на нејзиното упокоение.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.