Својот именден го “прослави” со великодушна донација за пациентите и медицинскиот персонал: Михаил Здравески од Прилеп и неговото семејство се пример како треба! (Фото)

Хуман гест на семејството Здравески од Прилеп, кој треба да го следат сите фирми и граѓани кои се во можност да помогнат.

На денешниот голем христијански празник Св. Архангел Михаил, кога слави именден, Михаил Здравески од Прилеп заедно со неговото семејство, направија голем хуман гест, кој треба да биде пример за секого.

Ова младо момче заедно со неговиот татко, Крешимир Здравески, однесоа великодушна донација од овошје и вода за пациентите и персоналот во Инфективното одделение при градската општа болница “Борка Талески”.

Целта на ова семејство е да ги анимираат граѓаните и фирмите кои се во можност да донираат и да помагаат во овие тешки денови за Прилеп и прилепчани.

“Жал ми е што ова била прва донација. Мислев дека луѓе и фирми донираат обична вода и храна, овошје…, што било, но ете, за жал, не било така. Ова нека биде поттик да се поправиме сите како луѓе за да не се срамиме од самите себеси пред состојбава и идните генерации. Јас и моето семејство не застануваме овде. Веќе се поттикнати фирми и поединци и сепак ќе покажеме дека можеме да бидеме едни обични луѓе со душа и срце. Државата е наша и мора ние да се грижиме за неа и за самите нас. Нека е за многу години Св. Архангел Михаил и Господ на сите болни да им даде сила да оздрават, да немаме веќе починати и сите заедно со Божја помош и нашите лекари и медицински персонал, да излеземе што поскоро од ова дереџе. Македонијо…Македонци…на нас е редот! Благодарност до Д-р Мирјана Крстеска, која не’ пречека со топло срце, иако беше преплавена со пациенти. Господ да ве чува”, пишува на својот Фејсбук профил Крешимир Крешо Здравески.

Секоја чест за овој хуман гест на семејството Здравески и се надеваме дека ваквите мали, но великодушни дела ќе вродат со плод и ќе поттикнат помош да пристигнува од сите страни.








Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.