Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информира дека во Министерството за економија и труд е одржана работна средба со претставници на компаниите увозници и трговци со течен нафтен гас (ЛПГ), на која се разговарало за актуелните ценовни движења на пазарот.
На средбата присуствувале и министерот Бесар Дурмиши, заменик министерот за енергетика и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ, како и директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски.
Како што посочи Ристески, инспекциските служби на Државниот пазарен инспекторат се континуирано на терен, при што во контролите се евидентирани значителни разлики меѓу набавните и продажните цени на ЛПГ. Ова, според него, укажува на потреба од поголема одговорност кај трговските субјекти во формирањето на цените, особено во услови на енергетска криза.
„Упатен е јасен повик до увозниците и трговците за намалување на трговските маржи, со цел да се ублажи ценовниот притисок и да се заштити животниот стандард на граѓаните, како и конкурентноста на домашните компании“, истакна Ристески.
Тој нагласи дека во овој период сите пазарни чинители треба да покажат поголема општествена одговорност, а цените да се формираат согласно пазарната логика, без создавање дополнителни ценовни шокови.
Од институциите најавуваат засилен мониторинг на пазарот и координирани активности, со цел обезбедување фер и транспарентни услови и спречување на евентуални злоупотреби при формирањето на цените.




























