Просечната нето-плата порасна за близу 8.000 денари за две години, велат од ВМРО-ДПМНЕ (ВИДЕО)

Просечната нето-плата во Македонија за две години е зголемена за близу 8.000 денари, односно за 19,6 проценти, соопшти денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Тој, повикувајќи се на официјалните статистички податоци, посочи дека во март 2024 година просечната нето-плата изнесувала 40.496 денари, додека во март 2026 година достигнала 48.433 денари.

– Во истиот период растот на цените изнесува 7,8 проценти. Кога растот на платите ќе се коригира со растот на цените, реалното зголемување на просечната плата изнесува близу 11 проценти – рече Стојаноски.

Според него, овие податоци покажуваат дека платите растат побрзо од цените и дека на тој начин реално се зголемува куповната моќ на граѓаните.

Стојаноски истакна дека раст на платите е регистриран во сите клучни сектори. Најголемо зголемување во апсолутен износ, како што наведе, има во секторите информации и комуникации, транспорт и складирање и рударство.

Процентуално, највисок раст на платите бил забележан во транспортот, дејностите поврзани со недвижен имот и во образованието.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ваквите бројки се потврда оти економските политики даваат резултати и дека приходите на вработените се зголемуваат.

– Нашата цел останува платите да продолжат да растат побрзо од цените, да се отвораат подобро платени работни места и граѓаните да имаат повисок животен стандард – порача Стојаноски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.