Министерката за енергетика Сања Божиновска денеска соопшти дека е пристигнато решение со кое официјално се заштитува македонскиот рубин како македонски полускапоцен камен.
Таа истакна дека со тоа е завршен процесот на негова заштита и се заблагодари на Геолошкиот завод за соработката.
„Го заштитивме македонскиот рубин. Веќе имаме нешто македонско заштитено. Продолжуваме понатаму со заштита и на одредени видови мермер“, изјави Божиновска на брифинг со новинарите.
Македонскиот рубин, кој се вади во околината на Прилеп и во планините на Мариово, е корунд со карактеристична малиново-розева боја, создадена поради присуството на хром во кристалната структура. Се смета за единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално, а има и голема естетска, колекционерска и културна вредност.
Активностите за негова заштита започнаа во септември 2025 година.
Божиновска на брифингот информираше и за резултатите од втората година од работењето на Министерството за енергетика.
























