Ракометарите на РК Прилеп ја започнуваат новата натпреварувачка сезона со амбиции за висок пласман и борба за место кое следната сезона би можело да ги однесе на европската сцена. Првиот предизвик за прилепчани е домашниот натпревар против РК Куманово во рамките на првото коло од Супер лигата.
Натпреварот ќе се одигра во сабота, 5 септември, со почеток во 18:30 часот во спортската сала „Ристе Ристески – Ричко“. За двете екипи ова ќе биде прв сезонски натпревар и можност со победа да го започнат шампионатот.
Од РК Прилеп велат дека тимот во новата сезона влегува со јасна цел, борба за секој бод и максимален ангажман на теренот. Поддршката од прилепската публика ќе биде особено важна уште на стартот од сезоната, па од клубот ги повикуваат навивачите да ги исполнат трибините и да бидат дополнителен мотив за ракометарите.
„Сите во сала! Напред Прилеп!“ е пораката од клубот пред првиот сезонски предизвик, со кој започнува новата ракометна приказна и походот кон европските позиции.
























