Прилеп ќе биде седиште на почесен конзулат на Република Албанија во Македонија, а за почесен конзул е именуван Илија Тоневски. Одлуките за отворање на конзулатот и за именувањето на Тоневски Владата ги донела на седницата одржана на 29 септември 2026 година, а тие се објавени во „Службен весник“.
Со едната одлука, заведена под број 57-7721/3, се предвидува отворање Почесен конзулат на Република Албанија со седиште во Прилеп. Со втората одлука, под број 57-7720/3, Владата дава согласност за именување на Илија Тоневски на функцијата почесен конзул.
Надлежноста на почесниот конзулат и на почесниот конзул ќе се однесува на територијата на пет општини: Прилеп, Кавадарци, Гевгелија, Струмица и Неготино.
За спроведување на одлуките е задолжено Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Двата акта се потпишани од претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, а ќе стапат во сила наредниот ден по нивното објавување во „Службен весник“.
Одлуката за отворање на конзулатот е донесена врз основа на член 86, став 3 од Законот за надворешни работи, додека согласноста за именување на почесен конзул се темели на член 93, став 3 од истиот закон.
Во објавените одлуки не се наведени дополнителни информации за професионалниот ангажман на Илија Тоневски, ниту образложение за изборот на Прилеп како седиште на почесниот конзулат.
























