Прилеп во сабота, 22 август, ќе биде домаќин на едно од најатрактивните случувања за љубителите на моторите, блузот и рок музиката. На Плоштад “Александрија”, на камената бина, ќе се одржи традиционалниот мото фестивал „Рисови 2026“, кој најавува ден исполнет со мотори, музика, дружење и вистинска рок атмосфера.
Фестивалот започнува во 15:00 часот со отворање на настанот и пречек на гостите, по што во 15:30 часот за музичката атмосфера ќе се погрижи Диџеј Биџо.
Централниот дел од мото-програмата е големото мото дефиле, кое е закажано за 18:30 часот и низ прилепските улици ќе донесе колона од мотори и препознатливата атмосфера која ги следи ваквите собири.
По дефилето следува музичкиот дел од фестивалот. Во 19:30 часот на сцената ќе настапат Hound Dogs од Србија, бенд кој на прилепската публика ќе ѝ донесе моќна доза блуз и рок музика.
Вечерта ќе кулминира во 22:30 часот со настапот на „Бело Копче“, македонскиот Bjelo Dugme tribute бенд, кој ќе ги оживее безвременските хитови на легендарната група.
„Рисови 2026“ е настан кој ги спојува љубителите на мото-културата и рок музиката, а организаторите најавуваат целодневно дружење и атмосфера која ќе го претвори Плоштад Александрија во место за вистинските љубители на моторите и рокот.
Сабота, 22 август, од 15:00 часот, Плоштад Александрија – Камена бина. Прилеп е подготвен за ден и ноќ исполнети со мотори, музика и рок.
























