Прилепчани се собраа на прилепска вечер во Мелбурн и покажаа огромна солидарност и хуманост

По пауза од десет години, во Мелбурн, Австралија, повторно се одржа прилепска вечер, која собра повеќе од 300 прилепчани што живеат и работат во Австралија. Настанот беше организиран на иницијатива на младите прилепчани, обединети околу новоформираното друштво PRILEP SOCIAL CLUB.

Зад оваа иницијатива стојат Методи Тошески, Игор Даркоски – Трипс, Наташа Даркоска, Благица Србиноска, Теодора Јовеска и Иле Неделкоски, кои со својата идеја успеаја повторно да ги соберат прилепчаните во духот на заедништвото, пријателството и љубовта кон родниот град.

За добрата атмосфера и забавата се погрижија Сања Ристеска со својот бенд, како и диџеј-сетот на Игор Трипс, создавајќи вечер исполнета со музика, дружење и емоции.

Но, оваа средба имаше и многу поважна цел. Прилепската вечер беше организирана со хуманитарен карактер, а средствата собрани на настанот ќе бидат донирани за лекувањето на Виктор и Дејан.

Со оваа иницијатива, младите прилепчани во Австралија покажаа дека и далеку од родниот крај, солидарноста и желбата да се помогне се посилни од далечината. Прилепската вечер во Мелбурн не беше само можност за дружење и зачувување на врските со родниот град, туку и доказ дека прилепскиот дух живее и на другата страна од светот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.