Македонската заедница во Австралија оваа недела ќе биде домаќин на уникатен гастрономски и забавен настан. За првпат ќе се одржи „Пиво и Скара Фест“, кој ќе ги обедини традиционалните македонски вкусови, музиката и спортот во спортскиот комплекс на Рокдејл Илинден.
Главни организатори на настанот се Прилепското социјално друштво „Методија Андонов – Ченто“ и Фудбалскиот клуб Рокдејл Илинден, кои најавуваат богата целодневна програма наменета за сите генерации.
Посетителите ќе можат да уживаат во настапи на музички групи, автентична прилепска скара, содржини и забава за најмладите, како и во добро познатите вкусови на Прилепско и Скопско пиво, кои ќе бидат дел од фестивалската атмосфера.
Фестивалот ќе заврши во спортски дух, со фудбалски натпревар помеѓу екипите на Рокдејл Илинден и Спиритс, со што ќе биде заокружен првиот „Пиво и Скара Фест“ во Австралија.
Организаторите ги покануваат сите Македонци, како и љубителите на добрата храна, ладното пиво и одличната забава, да бидат дел од овој историски прв фестивал, кој има амбиција да прерасне во традиција за македонската заедница во Австралија.

























