Платото кај Градскиот Саат, денеска беше исполнето со мириси, вкусови, традиција и бројни посетители, каде што прилепчани имаа можност на едно место да се запознаат со домашни производители и да уживаат во богатата понуда на традиционални и локални производи.
По петти пат во Прилеп се одржа настанот „МЛЕКО 2026“, кој е во организација на Slow Food, a оваа година мотото на настанот беше „Корени и трпеза – Руралната жена денес“.
Настанот уште еднаш ја стави во фокусот вредноста на домашното производство, традиционалните рецепти и трудот на луѓето кои со своите раце и знаење ги зачувуваат вкусовите кои се дел од македонската традиција.
Од раните утрински часови, па во текот на целиот настан, кај Градскиот Саат се менуваа посетители. Прилепчани разгледуваа, дегустираа, разговараа со производителите, а голем дел од нив си заминаа и со производи кои можеа директно да ги купат од изложувачите.
На едно место беа собрани различни вкусови и производи – од домашни млечни производи и сирења, до мед и пчелни производи, месни специјалитети, вина и ракии, рачно изработени производи и домашна козметика.
Посебно внимание привлекоа производите од овчо млеко од мандрите на падините на Пелистер, домашните млечни производи од Фарма Дихово, како и производите од козарската фарма на семејството Мирчески од Прилеп.
Својата понуда ја претставија и прилепските пчелари и производители на мед, меѓу кои Пчеларник Гвероски, Пчеларник Талевски, Пчеларник Ѓорѓиоски, како и семејството Талески со производите „Здравје од пчела“.
Љубителите на традиционалните месни производи имаа можност да ги пробаат и производите на Гаврилоски, додека љубителите на виното и домашните дестилати можеа да уживаат во понудата на винарија „Сарика“, Дестилерија Лезет и „Љубовна Ракија“.
Но, „МЛЕКО“ не беше само приказна за храна.
Посетителите имаа можност да разгледаат и да купат рачно изработени производи и уникатен декор од „Рачни изработки Кока“ и „Рачно изработен декор Лола“, како и производи од домашна козметика „Мона“.
Токму ова шаренило му даде посебен карактер на денешниот настан. Различни производи, различни приказни и различни луѓе, но една заедничка нишка, љубовта кон домашното и желбата традицијата да продолжи да живее.
А мотото „Корени и трпеза – Руралната жена денес“ беше присутно во секој дел од настанот.
Зашто зад секој производ што денес можеше да се проба или купи стои труд, стои семејство, знаење, искуство и желба од традицијата да се создаде нешто што ќе трае и во иднина.
„МЛЕКО 2026“ уште еднаш покажа дека кога домашните производители ќе ги добијат своето место и вниманието што го заслужуваат, граѓаните знаат да го препознаат квалитетот.
Денешната слика од Градскиот Саат беше токму таква, многу посетители, дегустации, разговори, пазарување и прекрасна атмосфера во срцето на Прилеп.
И можеби најубавата порака од целиот настан е едноставна: “Кога купуваме домашно, не купуваме само производ. Поддржуваме човек, семејство, традиција и иднинa.”







































