Прилепски готвач ја шири македонската традиција и освојува медали: Како единствен Македонец освои медали во Израел

Христијан Јорданоски, (25) е професионален готвач од нашиов град кој претходната недела се закити со два сребрени медали во категоријата риба и black box на Меѓународниот натпревар во гастрономија одржан во Израел. Јорданоски беше единствениот претставник од Македонија и единствен интернационален натпреварувач под водство на мајсторот Данијела Пантиќ Влаховиќ од Белград.

Овој вљубеник во медитеранската кујна работи како шеф на кујната во ресторан во Хрватска. Од мал покажува интерес за готвење. Се запишува во средното училиште во Крушево каде ги стекнува првите вештини во квалитетна подготовка на храна и ги учи првите рецепти. При средношколските денови учествува на бројни меѓународни натпревари на кои речиси секогаш се закитува со медали.

Есенва имаше уште еден голем успех заедно со учениците од Средното училиште од Крушево. На натпреварот Бисер Мора во Хрватска, Јорданоски се појави во својство на ментор. Неговите ученици освоија прво место во категоријата тимско натпреварување и беа прогласени за второ најдобро училиште.

-Предизвик ми е кога готвам некое посебно јадење кое не сум го готвел -вели Јорданоски.

Додава дека уште поголем предизвик му е кога своето практично знаење стекнато низ годините им го пренесува на учениците.

-Тие се исклучително заинтересирани. Љубопитни се и сакаат да учат. Така, признанијата и медалите се неизбежни речиси на секое натпреварување. Се гордеам со нив – потенцира Јорданоски.

На прашањето како е надвор, а како во нашата држава, Јорданоски е искрен. Вели дека во Македонија, за жал, гостите не одат во ресторани, затоа што е добар готвачот, туку затоа што го знаат сопственикот на локалот.

– Во странство, гостите одат во ресторани заради шефот на кујната. Тие се еминентни имиња кои создаваат ,,уметнички,, гастрономски дела. Привлекуваат нивните гастрономски ,,творештва,, – вели Јорданоски.

Како млад човек кој се грижи за своето здравје, Јорданоски препорачува балансирана исхрана, повеќе овошје и многу свежи салати, а рибата да се наоѓа почесто на нашите трпези.

За овој петок нашиот шеф на кујна предлага туна во комбинација со свежо сирење, копар и сок од лимон. Пожелна е на трпезата и свежа салата.

-Добар апетит порачува – готвачот Јорданоски.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”


Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.