За време на вчерашниот престој во Битола, претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, го посети Офицерскиот дом, каде што заедно со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и директорот на Културно-информативниот центар, Димитар Михајловски, ги разгледа трите новоотворени тематски простории.
Станува збор за Музичката соба, Градската соба и Собата посветена на историјата на Офицерскиот дом, кои се создадени во чест на проф. д-р Александар Стерјовски, големиот битолски хроничар, кој остави значаен белег во истражувањето и документирањето на историјата и културното наследство на градот.
Од Културно-информативниот центар – Битола информираат дека посебен момент од посетата било врачувањето на првите две винил плочи во издание на КИЦ Битола, со наслов „All Colors of M“, кои им биле подарени на претседателката Силјановска Давкова и градоначалникот Коњановски.
Со новите тематски простории, Офицерскиот дом добива дополнителна содржина посветена на музичкото, културното и историското наследство на Битола, како и на луѓето кои со својата работа придонеле за неговото зачувување.




























