Премиера на музичко-сценскиoт спектакл за деца и млади “МАЛАТА СИРЕНА” во Прилеп

Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности “Зодијак” од Прилеп во партнерска соработка со Училиштето за театар Чин 4 Сцена 5 од Прилеп, во недела на 02 декември 2018 година во големата сала на Н.У. Центарот за култура “Марко Цепенков” со почеток од 11:00 часот, премиерно ќе ја изведе новата хит претстава за деца и млади со наслов МАЛАТА СИРЕНА.

“Најголемиот предизвик во подготовките и адаптацијата на цртаниот филм Малата сирена од Дизни за сценска изведба не е само технички, но и комичен пред се во намерата да се најде начин да се репродуцира извонредниот магичен вокален лик на ракот Себастјан во изведба на Семјуел Врајт, а воедно и збогатувањето на македонскиот фонд на адаптирани дела од светската драматургија надополнети со македонски сонгови кои дополнително го збогатуваат овој вид на музичко-сценско дело”.

Дејството се случува во три слики: на површината од морето, на дното и на копното. Формулата на Дизни е позната како и секогаш: малата и убава сирена Ариел има прекрасен глас и живее на дното од океанот но има авантуристички дух и претпочита да истражува.

Противејќи се на својот татко кралот Трајтон и прекршувајќи ја забраната за посета на површината на водата, малата тинејџерка се заљубува во прекрасниот принц Ерик. Желбата да се биде со него, да танцува и прави се тоа што прават луѓето е преголема па го дава во залог својот прекрасен глас во замена за нозе кај морската вештерка Урсула.

Љубовната приказна помеѓу Ариел и Ерик е проткаена со безброј случки, емоции и убави певливи сонгови на македонски јазик, од вообичаената Дизниева практика, убави разиграни кореографии и мизасценски решенија, колоритни костими, кои се уредно спакувани пополнувајќи ги сите дупчиња во една детска магична сложувалка.

Преводот на текстот е на Благојче Николоски, драматизацијата и адаптацијата на македонски е на Кире Миладиноски, режија, костимографија, сценографија, кореографија, кукли и сонговите на Кире Миладиноски, музика Алан Менкен и Томе Темелкоски, дизајн на рекламен материјал и светло мајстор Саша Нацевски, играат: Марија Костоска, Деспина Башеска, Дамјан Трајкоски, Лилјана Јованоска, Ивана Стеваноска, Евгенија Кузманоска, Благојче Николоски и Марија Стеваноска.

Оваа продукција е потпомогната од Министерството за култура на Република Македонија-национална програма 2018 и Локалната самоуправа на Општина Прилеп, а како копродуцент партнер е Н.У.Ц.К. Марко Цепенков од Прилеп што воедно е матична сцена каде работат танц студиото и училиштето за театар Чин 4 Сцена 5.