Прекрасниот Божји храм во прилепско кој е граден според волјата на светците пренесена на сон

Манастир Свети великомаченик Георгиј во селото Пашино Рувци

На околу 30 километри од Прилеп, во атарот на селото Пашино Рувци воскликнало божјо здание Свети Георгиј. Велелепен храм со грандиозни конаци сред поле. Оргинална идеја за обновување на стариот манастир кој тука мирувал пред четири века.

Багремите, тревиштата и останатиот коров умешно се припитомиле.

Божјиот татнеж од дното на душата ги размрдал ѕидовите на решителното срце на нашинецот Живко Кочоски, кој повеќе од 40 години живее во Њу Џерси. Тој е од селото Рувци. Со добрите намерници, со нашите низ светот, преку несебичната парична помош и со силна верба во Бог, ги достигнуваат врвовите на божјите “планини” во рамното место како тепсија, наречено Црквиште. На недопреното место детално се осмилил и се извишил храм кој краде воздишка, но и нешто што клокоти од дамнина да се покаже дека не сме народ без корен! Визионери го следат сонот – божјиот глас и патоказ…

Спокојниот пејсаж се дополнува со јасна идеја и прецизност на градбите. Наредени се млади фиданки на кои им паднале есенва раскошните крошни. И при облаци, амбиентот освојува. Срцето се кроти. Убавината маѓепсува. Се чувствува блаженство и необична таинственост.

Кој и зошто вложува неколку стотина илјади евра во манастирските објекти и ентериерот? Нема цена кога е во прашање љубовта и вербата во Бога.

– На сон се покажаа предметите кои ќе ги најдеме. Сонував каде да бидат темелите, каков да биде пресекот на црквата и формата. Крст, светена кутија, а на метар и половина најдовме трпеза, како онаа од тајната вечера и многу други предмети. Сé оставивме на место како што велат светците на сон – вели Живко, кој мештаните и верниците го почитуваат и убедени се во она што го кажува, зашто сé што рекол во врска со манастирот било така.

Манастирот е во форма на крст. Откриен е 1991 година, а осветен 1993 година.

– На темелите на стариот манастир подигнавме нов со иконостас и скромни икони. Фреските се работат според можностите. Конаците се готови. Има огромна сала. Во конакот ќе се вгради фреска на Богородица со рацете нагоре, која во иднина ќе лечи. Вода грга. Се влечи од земјата со бунарски пумпи. Манастирскиот комплекс треба да функционира како економат, со свое производство и домаќинлак – кажува Кочоски.

Дворот во манастирскиот комплекс е послан со зелен килим за опуштање. Во природниот декор царува хармонија исткаена од чисто спокојство и величенствен мир.

Мештаните велат дека бројот 101 бил симбол на доларите кои на сон Живко им ги броел на светците. Броел сто и некој долар.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.