ООУ „Стив Наумов“ во Битола доби топлински пумпи – училиштето станува енергетски ефикасно и зелено

ОУ „Стив Наумов“ во Битола направи уште еден значаен чекор кон енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Денеска беше извршено примопредавање и технички преглед на поставените топлински пумпи, кои ќе го заменат досегашниот систем за греење на екстра лесно масло.

Станува збор за две големи топлински пумпи со електричен капацитет од по 50 kW и вкупен топлински капацитет од 120 kW, кои ќе обезбедат поефикасно и поеколошко загревање на училишниот објект.

Со оваа инвестиција, заедно со претходно поставената енергетски ефикасна фасада, училиштето добива современи решенија за намалување на потрошувачката на енергија и влијанието врз животната средина. Замената на греењето на екстра лесно масло со топлински пумпи ќе придонесе и за намалување на емисиите на јаглерод диоксид (CO₂).

Увид во реализираните активности извршија градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изведувачот, надзорот и претставници на УНОПС, организацијата донатор на проектот.

Предвидена е и можност за приклучување на спортската сала, која е во изградба, на новиот систем со топлински пумпи, со што придобивките од ова решение ќе се прошират и на овој објект.

Со поставувањето на топлинските пумпи и подобрувањето на енергетските карактеристики на објектот, ОУ „Стив Наумов“ продолжува кон создавање современи, поекономични и еколошки услови за учениците и вработените.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.