Несериозен пристап, откажани средби: Дали причината е револтот и незадоволството на прилепчани?

Преку соопштение локалната самоуправа деновиве најави средби со урбаните заедници, за како што рекоја транспарентно носење на буџетот на општината за наредната 2021 година.

Првата од неколкуте најавени средби се организираше во Центарот за култура “Maрко Цепенков” со урбаната заедница “Центар”, но откако се појавија само 20-тина луѓе, градоначалникот ги откажа останатите кои требаше да се одржат во текот на вчерашниот ден.

Средбите со УЗ “Варошко маало” и УЗ “Бончејца”, требаше да се одржат во Домот “Спиро Забрчанец”, но наместо тоа градоначалникот Јованоски објави дека одржал онлајн состанок само со претседателот и советот на УЗ “Бончејца”.

Каков ефект и каква транспарентност ќе се постигне на ваков начин, кога за носење на буџетот и избирањето на приоритети за граѓаните од урбаните заедници, застапено е мислењето само на неколку луѓе?

Како да се работи за некоја рурална средина, а не за градска каде живеат по неколку илјади граѓани во секоја урбана заедница.

Дали причината за ваквите ПР трикови е огромниот револт на граѓаните од нереализираните проекти на градоначалникот?

Како и да е, на Јованоски му остануваат уште неполна година дена од мандатот, па за одговорот на мислењето на јавноста нема да чекаме уште многу долго.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.