„Музика и слово“ со македонски и хрватски автори во изведба на Маја Митровска и Јана Четелева Белевска во Битола

Во рамките на програмата за одбележување на Денот на ослободувањето на Битола, 4 Ноември, која оваа година е под насловот „Сите бои на сеќавањето“, ќе се одржи концертот на македонски и хрватски автори, „Музика и слово“, во изведба на Маја Митровска, сопран и Јана Четелева Белевска, пијано. Настанот е во организација на МХД. Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“ Битола во соработка со КИЦ Офицерски дом и Општина Битола и ќе се одржи на 07.11.2026, со почеток од 19:00 часот, во КИЦ Офицерски дом.

Влез: слободен

Маја Митровска е оперска пејачка и професорка по соло пеење, со долгогодишно искуство во изведувачка и педагошката дејност. Дипломирала и магистрирала на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, Република Бугарија, во класата на оперската пејачка проф. д-р Иванка Нинова. Своето понатамошно професионално усовршување го продолжила во Оперското студио на познатата оперска пејачка Оливера Милјаковиќ во Виена, Австрија.

Во текот на својата изведувачка кариера реализирала повеќе значајни оперски и музичко-сценски улоги. Соработувала со Национален музички театар “Стефан Македонски”, Софија; Државна опера во Бургас; Врачанска и Видинска Филхармонија, Р.Бугарија, КИЦ Софија, “Битолска Опера”, “Камерен Оркестар” – Битола, “Интерфест” – Битола, “Бит – фест – Битола”, “Камерна опера – Битола” и др.

Од 2010 година активно се посветува на педагошката дејност како професорка по соло пеење во Државното музичко училиште – Битола. Како педагог, континуирано работи на развивање на вокалната техника, музикалноста, сценската култура и индивидуалниот уметнички израз на своите ученици. Член е на жири-комисии за дисциплината соло пеење на државни и меѓународни натпревари. Во својата досегашна педагошка и уметничко-организациска работа била наставник, организатор и музички координатор на повеќе оперски и музичко-сценски проекти наменети за деца и млади. Меѓу нив се адаптациите на „Севилскиот бербер“ и „Љубовниот напиток“, како и мјузиклите „Мачки“, „Волшебникот од Оз“, „Евита“ и „Фантомот од операта“. Како музички координатор учествувала и во меѓународниот проект „RYCO – Superschools“, реализиран во повеќе земји. За својата педагошка работа е добитник на државната награда „Истакнати музички педагози од областа на музичката педагогија во Македонија – 2021 година“.

Во 2025 година била стручен соработник во проектот на НУ Завод и музеј – Битола, посветен на реализацијата на Спомен-собата на македонскиот композитор Кирил Македонски, автор на првата македонска опера. Покрај музичката и педагошката дејност, Маја Митровска веќе неколку години се занимава и со детска литература и ликовно творештво. Автор е и илустратор на 11 сликовници и книги, преку кои ја поврзува уметноста со детската литература и развивањето на детската фантазија. Има издадено 2 романи за деца и млади, 8 сликовници и една поема.

Јана Четелева Белевска е родена во Битола, каде го започна своето музичко образование во класата на Маргарита Татарчевска. Дипломира во Софиската музичка академија ” Панчо Владигеров” во класата на Антон и Елена Дикови. Магистерските студии ги завршува со целосна стипендија во Америка на Универзитетот на Јужна Флорида во класата на проф.Светозар Иванов, каде и работеше како асистент по пијано на факултетот за музичка уметност. Добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари: Државен натпревар – Скопје , Петар Коњович – Белград, Млади виртуози – Софија, Интерфест – Битола, Охридски бисери – Охрид, Клауд Кан – Париз, Темпе – Аризона. Во 2004 на Државниот натпревар беше избрана за лауреат на натпреварот ,каде и доби награда од EMCY за семинар во Германија. На натпреварот Клауд Кан во Париз исто така доби специјална награда со 100 поени, и организиран концерт во познатата сала “ Salle Gaveau” во Париз.

Две ја посетуваше познатата летната школа Моцартеум во Салзбург каде настапуваше на  годиниконцерти и соработуваше со познатите уметници Акилес Дел Вигн и Павел Гилилов.  На 16 годишна возраст настапи со Македонската Филхармонија, а во 2008 беше избрана од цела музичка академија како единствен студент кој настапи со Софиската Филхармонија и го изведе вториот концерт за пијано од Сергеј Рахмањинов.  Од 2009 до 2012 година активно учествуваше на концерти низ Америка, беше дел од серијата Steinway&Sons концерти. Исто така настапи во New York во чест на познатиот композитор Дејвид Дел Тредичи . Настапувала и во повеќе камерни состави како Претседателското трио на Универзитетот на Флорида и пијано дуо – два клавири со руската пијанистка Аза Торшкоева, пијано трио – Трифоника. Јана има настапувано низ Македонија, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Србија , Њу Јорк, Бостон, Чикаго, Мајами, Тампа, Аризона.

Во 2018 беше учесник на ЕПТА конференцијата во Малта, на тема “Пијано продиџи” – работа со надарени деца.

Моментално работи како професор по пијано во Државното музичко училиште каде нејзините ученици се добитници на бројни државни и меѓународни награди. Член е на жири комисии на натпревари во Р.Македонија, Србија и Црна Гора. Исто така е претседател на здружението “Пијано” кое организира концерти, семинари и меѓународниот натпревар Пијанофест во Битола.Здружението беше добитник на наградата 4ти Ноември Битола.

Во март 2023 година, Четелева доби специјална награда за високи педагошки достигнувања на меѓународниот натпревар Сирмиум Фест во Србија. Добитник е и на награда од Здружението на музички и балетски педагози од Македонија за високи достигнувања во областа на пијанизмот.

МХД Хрватски културен центар „Марко Марулиќ“ – Битола повеќе од три децении активно придонесува за развојот на културните врски меѓу Република Македонија и Република Хрватска.Основната мисија на Центарот е промоција на хрватската култура, уметност, јазик и традиција во Македонија, како и претставување и афирмација на македонската култура пред хрватската публика. Преку својата работа, Центарот воспоставува културни мостови меѓу двете земји, поттикнува меѓусебно разбирање и почитување и создава можности за соработка меѓу уметници, културни институции, театри, фолклорни ансамбли и други културни организации. Континуитетот на дејствување, искуството во организацијата на културни настани и развиените партнерства го позиционираат Центарот како значаен чинител во меѓународната културна соработка.

Со оваа македонско – хрватска вечер, уште еднаш се потврдува и зацврстува пријателството на двата пријателски народи, македонскиот и хрватскиот и ја става Битола како центар на културна соработка помеѓу Македонија и Хрватска, што е уште едно достојно одбележување на празникот на градот.

Програма:

  1. Владо Малески – „Денес над Македонија“
  2. Трајко Прокопиев – „Галебот”
  3. Коле Неделковски – „Глас од Македонија“
  4. Кирил Македонски – Арија на Јана од операта „Гоце”
  5. Владимир Назор – „Овде во срцето”
  6. Благој Цанев – „Цветови”
  7. Иван Горан Ковачиќ – „Јама“
  8. Владимир Назор – „Радост”
  9. Иван Бркановиќ – „Успаванка”
  10. Тодор Скаловски – „Шарпланинска приспивна”
  11. Анте Поповски – „Пред да се раздени”
  12. Јосип Хатзе – „Серенада”
  13. Јосип Хатзе – „Цвати, цвати ружице”
  14. Давор Неќак – „Трговец”

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.